ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Д-р Чонеска-Јованова: Околу 42 отсто од децата имаат анемии поради лоша исхрана
Што е анемија? Колку често е застапена кај децата, како се препознава и како се лекува? Кои се начините на лекување и колку време трае лекувањето? На оваа тема зборуваме со доктор Билјана Чонеска-Јованова, хематолог-онколог од приватната болница „Аџибадем Систина“. Таа вели дека анемијата претставува состојба кога имаме намалени вредности на хемоглобин, коишто се проследени со или без намалени вредности на еритроцити.
Препорачано
– Причините за анемија се различни. Може да се поделат во три големи групи. Првата група е недоволно создавање на еритроците во коскената срцевина која може да биде од различни причини, вродени или стекнати. Втората група е предвремен распад на еритроцитите, исто така заради вродени и истакнати причини. Третата голема група се анемии заради акутни и хронични крвавења. Кај децата, најчестите анемии се заради недостаток на железо, а на второ место се инфективните заболувања и хемоглобинопатија – вели Јованова.
Таа објаснува дека дефицитот на железо е доста честа патологија, особено во земјите во развој. Сè потекнува од возраста на доење, посебно ако се работи за ризична популација, предвремено родени деца, деца со интраутерина ретардација на растот, потоа деца од мајки коишто биле слабокрвни во текот на бременост и коишто се слабокрвни во текот на доењето.
– Во подоцнежниот доенечки период, после шестиот месец, анемијата се должи на задоцнетото внесување на храна како зеленчук, овошје, месо, јајце и така натаму. И потоа, после една година, најчесто неправилната исхрана се должи на внесување на големи количини млеко – вели докторката.

Таа вели дека доколку мајката правилно се храни, апсолутно се доволни количините железо, ако мајката не е анемична. Дневно е потребно околу еден грам железо. Значи, би требало да се внесат околу 8 до 10 грама железо, бидејќи апсорпцијата на железо изнесува околу 10 отсто од вкупно внесеното железо.
– Доколку мајката правилно се храни, во текот на доењето, апсолутно нема потреба за суплементи кај здраво донесено новородено дете. Доколку се работи за предвремено родени деца, или деца со интраутерина ретардација, препораките се да се дадат профилактички дози на железен препарат. Некаде, од петтиот месец натаму, потребно е постепено воведување на солидна храна. Се почнува со зеленчуци, овошје, а потоа се внесува и месо. Бидејќи, во месото имаме железо, коешто е таканаречен хемиски тип, кое многу добро се апсорбира во дигестивниот тракт. Железо имаме и во зеленчукот, и во овошјето, меѓутоа, тоа железо е од нехемско потекло, кое тешко се апсорбира во дигестивниот тракт – вели докторката.
Таа објаснува дека за здраво дете потребна е една комбинација на зеленчук и месо, за да имаме еден добар оброк за доенчињата. Исто така, месото и продуктите од животинско потекло е неопходно да се внесуваат. Тука спаѓа јајцето, јогуртот, киселото млеко, сирењата што содржат витамин Б12.
За недостигот на витамин Б12 вели дека може да предизвика хематолошки и невролошки проблеми.
– Кога има недостиг на овој витамин имаме едно хипотонично, млитаво доенче со намален мускулен тонус, може да има тремор, климање на главата, може да има заостанување во психомоторниот развој, тие деца подоцна седат самостојно, подоцна проодуваат. И доколку не се открие навреме и не се даде соодветна терапија, може да остави трајни преметувања на сензомоториката. Затоа е многу битно навреме да се препознае и третира Б12 дефицитот – вели Јованова.
Првиот знак кој се гледа кај анемичните бебиња е изразено бледило на кожата, на слузниците.

Кожата е посува, косата е кршлива, тенка, ноктите се тенки, кршливи. Обично, доенчињата и децата има добри компензаторни механизми, па не толку често се јавува поспаност, малаксаност, замор. Во поизразени случаи на анемија, може да се јави и забрзано дишење, забрзано чукање на срцето, главоболки, вртоглавици, кај школските деца може да се забележи недостаток на концентрација, поспаност, послаби постигнување во училиштето, а потоа во пубертетот, кај девојчињата, може да дојде до изостанување на менструалните циклуси.
– Ако имаме анемично дете родителите сами не смеат да ја прекинуваат терапијата како прво и како второ, мора да се промени начинот на исхраната, доколку тоа било причина за феродефицитната анемија. Бидејќи само со терапија, ќе биде краткотраен ефектот и повторно ќе се вратиме од почеток – вели докторката.
На родителите им препорачува да ги слушаат матичните лекари, да го даваат препаратот со железо како што им е препорачано, ако зборуваме за анемија заради дефицит на железо. Вели дека здравата исхрана практично треба да биде императив за овие деца.

– Потребна е упорност, бидејќи во раниот период од животот се создаваат навики за здрава исхрана, а тоа е најголема инвестиција во нивното дете. Најголема инвестиција е здравјето на нивното дете. Мора да бидат упорни, да настојуваат да внесуваат доволно зеленчук, препораки на Светската здравствена организација е дневен внес на 400 грама свежо овошје и зеленчук – вели Јованова.


