Пр.Др. Андреја Арсовски - Хирург - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Проф.Др. Андреја Арсовски - Хирург - Фото Слободен печат - Методи Здравев

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Д-р Арсовски: Оперирав девојка на неполни 19 години со карцином на дојка

Дали се зголемува карциномот на дојка, каде е Македонија во светски рамки, колку заболени жени има на годишно ниво, а колку излекувани, како се отстранува ракот на дојка и како се лекува после операцијата? Кога може да се направи реконструкција, какви сè методи постојат и каков е животот на пацинтките после мастектомија? За сите овие прашања одговор побаравме од Андреја Арсовски, хирург од приватната болница „Аџибадем Систина“.

Докторот вели дека бројката на заболени жени во земјава се зголемува од година во година. Прецизна статистика нема, но и на глобално ниво карциномот на дојка се зголемува.

-За жал, сè повеќе пациенти со оваа дијагноза гледаме во нашите амбуланти, во нашите хируршки сали, меѓутоа немаме статистика во кој стадиум и во која возраст е најзастапен. Во последно време можам да кажам дека ги откриваме во малку поран стадиум од порано. Впечаток е дека возрасната група се намалува, односно сè почесто се јавува кај помлади пациентки. Јас лично сум оперирал пациентка со неполни 19 години. Од она што го знам најмладата пациентка во Македонија е со неполни 18 години – вели Арсовски.

Тој објаснува дека иако ретко се открива карцином на таа возраст, има пациентки од 28 години па нагоре, но најбројни се тие околу 40-годишна возраст што се многу млади за разлика од порано кога возраста била над 60 години.

Докторот вели дека операцијата е само еден сегмент од лекувањето. Освен класична мастектомија има и други начини на оперирање, таканаречени поштедливи операции.

 -Не смееме да заборавиме дека имаме работа со една многу опасна болест, болест која, за жал, има и високо ниво на смртност. Ако успееме да ја излекуваме жената, тогаш имаме бројни методи и техники на располагање да ја вратиме во еден комплетен социјален и семеен живот – вели Арсовски.

Проф. д-р Андреја Арсовски – Хирург – Фото Слободен печат – Методи Здравев

 

Објаснува дека третманот и лекувањето се комплексни. Хируршкиот дел е само еден дел од лекувањето. Постојат радикални операции и „штедливи“, кога се вади само дел од ткивото на дојката.

– Имаме пациенти кои инсистираат на радикални интервенции, инсистираат дури и на превентивно отстранување и на другата дојка. Некои пак инсистираат да се сочува дојката. Во зависност од типот на туморот и волјата на пациентката, но и мислењето на докторот, се договараме, правиме компромис – вели докторот.

Објаснува дека на пациентките не треба да им се дава лажно смирување, туку објективно да се постават работите, да се објасни дека тоа е болест која може успешно да се лекува. Затоа е потребно да се открие што порано, бидејќи раното откривање е клучот во постигнување на поголем успех и во борба со малигните заболувања.

– Отстранетата дојка може да се реконструира веднаш по мастектомија, но реконструкција може да се направи и подоцна, во договор со пациентката. Одлуката, каква реконструкција, кога реконструкција, кој тип на реконструкција, најдобро е да се прави на онколошки конзилиуми во коишто е вклучен и пластичен хирург – вели Арсовски.

Пр.Др. Андреја Арсовски - Хирург - Фото Слободен печат - Методи Здравев
Проф. д-р Андреја Арсовски – Хирург – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Им советува на пациентките коишто веќе имаат дијагностициран карцином да ги слушаат професионалците.

-Има пациенти коишто одбиваат одредени третмани, зашто најчесто тоа е дезинформација. Точно е дека сите третмани имаат и свои нуспојави, меѓутоа, ако тоа е раководено од еден професионален тим којшто си ја знае работата, нема да има проблеми. Значи, да слушаат професионалци – вели Арсовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот