фото: Приватна архива/Слободен печат

ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Битолски ученици развија ВИ-алатки, му помогнаа на адвокат од САД, добија наградa „Средношколец-милионер“

Ако се прашувавте дали средношколец може преку ноќ да стане милионер, а да не биде тоа добивка од наградна игра или квиз, туку само со добра идеја, одговорот е да, и тоа во Македонија.

Неодамна се одржа натпреварот „Средношколец-милионер“ во организација на Бреинстер Некст Колеџ (Brainster Next College) и НУ (NU) Академиите за талентирани средношколци. Првата награда од 1.000.000 денари ја добија средношколците Јован Талевски, Иван Секуловски и Марио Рабаџиевски од Битола кои работеа под тимот „Стеј БИ“ (Stay BE)

Во интервју за „Слободен печат“ тие откриваат дека нивната бизнис-идеја „Систем 4“ користи напредни алатки со вештачка интелигенција за автоматска анализа на проблеми.

-Нашата идеја е збир од четири системи. Првиот, самиот систем за контактирање на бизниси, второ, телефонскиот агент кој совршено би го заменил рецепционерот во еден хотел, тој би можел да разговара во исто време со 5-10 муштерии и да работи 24/7 без престан. Трето, чат-ботови или асистенти за веб-страници и самите ВИ веб-страници. Сите системи покажавме како одлично може да функционираат во туризмот, односно нивната примена во хотелски услуги ја олеснува работата – велат од „Стеј БИ“.

Тие ни објаснија дека нивната идеја може да се примени во секоја сфера од општеството.

-Нашата идеја практично беше применета од страна на еден адвокат од САД, којшто се соочуваше со проблем додека е во судница да одговори на сите повици, а во исто време да не изгуби некој клиент. Ние тоа му го решивме со нашиот чат бот којшто едноставно во иднина ќе одговара на прашањата на неговите потенцијални клиенти и воедно тие ќе можат да прават резервации за средба со него – велат тие.

Наградата од милион денари ќе ја инвестираат во развивање на идејата.

-Вештачката интелигенција се развива со брзина на светлината, додека ни спласнуваат емоциите по победата на натпреварот, не знаеме што ново ќе излезе како опција што ќе ни ја понуди ВИ. Затоа ќе оставиме на времето и со смирени глави да донесеме финални одлуки каде и како ќе ги вложиме овие 1.000.000 денари – рекоа од „Стеј БИ“.

Во просториите на Бреинстер имавме можност да се запознаеме и со второнаградениот тим кој исто така има одлична идеја, а членовите на тимот веруваат дека ќе се имплементира во македонското образование.

Марко Серафимовски / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Давид Милошоски, Марко Серафимовски и Теодор Ивановски се претставија под тимот Академија Разлика со својот иновативен концепт „ПаметПакет“.

-Нашата идеја е подобрување и модернизација на образованието на еден креативен начин. Направивме паметен пакет кој го тестиравме кај нашите помали браќа и сестри коишто верувајте се соочуваат со сериозни предизвици и тешкотии во учењето. Овој начин на учење кај основците, конкрено трето одделение, би бил низ забава – велат од тимот.

Давид Милошевски / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Организаторите се задоволни како поминал натпреварот, како што вели Анја Марија Макеска, маркетинг-директор и инвеститор, ментор во натпреварот, нивните очекувања биле големи.

-Бевме свесни дека имаме талентирани средношколци, токму затоа и сакавме да направиме нешто вакво. Задоволни сме како течеше целиот процес, се сретнавме со одлични идеи, не сакаме да ги обесхрабриме тие коишто не добија награда дека не биле доволно добри, напротив сакаме да ги мотивираме да се пријават следната година. Воедно сакам да ја искористам приликата и да најавам дека идејата е натпреварот „Средношколец милионер“ да стане традиција која ќе се одржува секоја година – вели Макеска.

Ања Марија Макеска / Фото: Слободен печат / Драган Митрески

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот