ВИДЕОИНТЕРВЈУ | 25 години СОС Детско село: На згрижувач на бебе треба да му следува родителско отсуство од работа
По повод Светскиот ден на семејството, 15 мај, бевме во посета на СОС Детско село, кое оваа година одбележува 25 години постоење во Македонија, и направивме интервју со Јулијана Накова-Гапо, национална директорка.
Препорачано
Што е семејство? Што е дом? Колку во овој четврт век како организација успеаја да ги срушат бариерите, да ги повлечат стигмите и да ги отворат срцата за ранливите категории на граѓани, но пред сè и над сè на децата?
– За овие 25 години успеавме да промениме над 6.000 животи, работејќи директно со деца и со семејства. Нашето постоење значи и грижа за над 700 деца без родители. Од 2009 година во нашата програма влезе и поддршката на семејства од социјален ризик, тука влегува бројка од 1.390 биоолошки семејства и 4.000 деца. Во моментов поддржуваме околу 86 згрижувачки семејства во коишто се згрижени 180 деца – вели Накова-Гапо.
Приказната на СОС Детско село започна во далечната 1998 година кога тогашната Влада потпиша договор со СОС Детско село интернационал. Првото дете, познато за јавноста како Боге, било примено во 2002 година и цела година во цело село било единственото дете. Тогашниот тим, како што вели Накова-Гапо се соочувал со бројни предизвици и предрасуди за прифаќање и разбирање од страна на општеството. Се соочиле со голема борба за да ја добијат довербата за тој непознат тип грижа за деца.

Низ годините сфатиле дека грижата за овие деца е потребна и по наполнување 18 години, па започнуваат одредени програми за интеграција на младинците од СОС Детско село, помош околу домување и вработување.
– Сега откако ја стекнавме довербата и од граѓаните, од пратнерите, но и од институциите на некој начин, чувствуваме сериозна одговорност и тежина бидејќи преземавме големи обврски на долг рок, не е нешто минливо, ние работиме со животи коишто треба да ги изнесеме на прав пат. Нашата органзииација работи на системски промени. Обучивме над 100 згрижувачи преку специјална методологија со која воведовме стандард за еден згрижувач да мора да помине обука од повеќе месеци. Овде сакам да поентирам дека многу се внимава при изборот на соодветен згрижувач – вели нашата соговорничка.

Накова-Гапо вели дека благодарение на транспарентните кампањи и доближувањето до јавноста, интересот за згрижувачи расте, но според неа, не е доволно.
– Долго време згрижувањето во нашата држава не беше познат поим. Ние изминатиов период работиме на едукација за да разберат луѓето што значи и која е разликата помеѓу згрижување и посвојување. Но овде ни е потребна сериозна помош од државата, нивна поткрепа за мотивација што е можно повеќе граѓани да станат згрижувачи. Потребни се промени и во Законот. На пример, ако сакате да згрижите бебе, а одите на работа, вам не ви следува боледување. Повикувам овие законски пречки да бидат разгледани и отстранети – вели таа.
Вработените во СОС Детско село катaден се соочуваат со многу тешки прикзани, покрај убавата страна што му се подава рака на дете, постои можност кај нив да тропне жртва на семејно насилство или жртва на трговија со луѓе. Како што објаснува нашата соговорничка, психолошката поддршка е вклучена алатка и меѓу вработените.

Накова-Гапо е 18 години дел од оваа убава приказна. Со нас споделува бројни примери што ѝ го полнат срцето.
– Кога започнав да работам овде пред 18 години, мислев дека тоа ќе биде краткотрајно, но едноставмно не можам да се одделам од ова место, како што велам, „се заразив“. Ме радува блискоста со децата кои, кога ќе ме сретнат, ме прегрнуваат. Многу сум горда на успешните младинци кои денес имаат свој бизнис или се препознаени и надвор од границите на Македонија. Посебно ме радува што децата ова место го чувствуваат за свој дом. Па, така ќе споделам дека наскоро имаме свадба на една младинка која иницираше да биде земена од сватовите од домот – рече таа.

Погледнете го целото интервју на јутјуб-каналот на „Слободен печат“.


