ВИДЕО | Возрасни Грци претепани на Халкидики: Не тепаше менаџер зошто седевме на пешкири после лежалките – расте револтот на „Пешкирите“

Плажа во Сивота, Грција/ фото: Драган Митрески

Постара брачна двојка од Грција во тамошните медиуми се жали на жесток напад од страна на менаџер на бар на плажа на Халидики само затоа што сакале да се избањаат на плажа.

Во меѓувреме грчките граѓани се мобилизираа и со протести бараат слободен пристап до плажите. „Движењето пешкир“ алармира за малтерирање на капачите и дури физички напади врз нив од страна на концесионери на плажи или нивни работници.

Грчката телевизија МЕГА објави сведоштво на брачен пар на Халкидики кои биле жртви на дивјачки ќотек кога сакале да седат на пешкири на плажа.

Станува збор за постар двојка, на возраст од 74 и 70 години, кои биле претепани на плажата Кастамонитис од страна на лажни менаџери на бар кои прво им забраниле да се капат, а потоа ги претепале, при што мажот заврши со тешки повреди поради кои морал да оди на операција.

„Сабота наутро во десет часот отидовме на плажа. Бевме на два метри од нивните лежалки, на јавно место. Никому не пречевме ниту допиравме нечиј друг пешкир или лежалка. Тој дојде до нас и почна да пцуе“, изјавија капачите за МЕГА.

Одговорниот не застанал на пцовките, туку не се двоумел и ја удри 70-годишната жена, а потоа и нејзиниот сопруг кога и тој реагирал.

„Сопругот беше наведнат и го ставаше чадорот. ‘Ќе те удавам’, ‘Ќе те фрлам’, ни викаа и кажуваа многу пцовки… Тогаш почна да ме удира таму каде што сум оперирана и јас паднав на песокот, мажот ми стана и му вели ‘што правиш?’ Мојата сопруга е оперирана“. Реагираше мојот сопруг, но тој почна да го фрла, да му ја кине кошулата, со едната рака го фати за вратот, а со едната рака го стегаше врз ребрата. Повикав помош но никој не дојде. Истрча само една девојка, која не ја познавам. Сакам да и се заблагодарам“, додаде таа.

Оваа девојка ги известила службите, по што 74-годишниот маж бил пренесен во болница со повреди. Поради силината на ударите тој морал да го оперира коленото, а докторот кој го примил повредениот старец бил изненаден од бруталноста со која му биле нанесени повредите

Протести во Потидеа и Никити

Жителите и летувалците се собраа вчера утро на стадионот во Никити, а потоа започнаа марш кој стигна до плажата и се маршираше пред баровите на плажата во околината. Со пароли како „брегот е на народот, нема да го згазите ова барање“, „народот бара чиста плажа“ и „да нема повеќе самоволие, од Парос до Ситонија секоја плажа ќе биде слободна“ демонстрантите се приклучуваат на се помасовното „Движење пешкир“ низ Грција, бидејќи прекршувањата на плажите станаа норма со текот на годините.

Членовите на движењето го нагласија фактот што лежалките се поставени премногу блиску до морето.

„Бараме да го почитуваат законот што е донесен каде јасно пишува дека првите лежалки мора да бидат на пет метри од морето, а некаде тие се и во морето“, истакнаа граѓаните.

Тие се пожалија и дека во некои случаи има и обезбедувачи кои не дозволуваат луѓето да пристапат на плажа на која се наоѓаат барови и таверни, каде мора да платат минимум 20 евра за лежалка, а цените растат зависно од редот и достигнуваат и до 150 евра.

Собирите кои се одржаа по повик на онлајн групата „Граѓанско движење за слободни и достапни плажи на Халкидики“, која во рок од три дена собра повеќе од 8.000 членови, се очекува да продолжат.

Денеска во 11:30 часот протест е најавен пред градското собрание на Ситонија по повод состанокот на финансискиот совет на општината.

Иста ситуација во Фаласарна – Казните се еднакви на наплата од половина ден

Незаконитостите и проблемите во заземањето на јавниот простор се повеќе од очигледни, се жалат и членовите на иницијативата Фаласарна. Зафатеноста на јавниот простор на плажата надминува 80%, додека само 30% е дозволено во области на мрежата Натура.

Грчките инспекциски служби и покрај најавите дека се засилени контролите излегоа немоќни да се справат со се поголемиот број на прекршители на прописите, а и казните не се соодветни на прометот кој го прават закупците.

Повеќето бизниси работат без лиценца или имаат проблеми со документација. Изречените казни се премали, велат граѓаните и се на ниво на наплата од лежалки и чадори за половина ден.

Законската регулатива ги обврзува сопствениците на бизниси да обезбедат бесплатен јавен пристап вертикално и паралелно со морето и дека мора да има слободна зона од крајбрежјето широка најмалку 5 метри.

Движењето Пешкир почна од плажите во Наксос, Парос и Родос пред неколку недели каде по протестите на грчките туристи плажите запоседнати од закупци на барови почнаа да се „ослободуваат“ од премногу натрупаните чадори, па се прошири и на другите туристички региони во Грција каде исто така се бара ослободување на јавниот простор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот