Групата „Лелек“ со песната „Andromeda“ ќе ја претставува Хрватска на Евровизија/Фото: Принтскрин/Јутјуб

ВИДЕО | Турците бесни поради песната на Хрватска за Евровизија: „Кого вие нарекувате насилници?“

Како што се приближува натпреварот за најдобра песна во Европа, кој ќе се одржи во Виена во мај, сè повеќе се анализираат претставниците.

Турските медиуми и социјалните мрежи се распишаа за песната „Andromeda“, со која групата „Лелек“ ќе ја претставува Хрватска на Евровизија 2026.

Дел од турската јавност во стиховите и симболите од настапот на „Лелек“ гледа алузии на отоманскиот период на Балканот, поради што во последните денови се разви дебата за тоа дали песната ја преминува границата помеѓу уметничкиот израз и политичката порака.

Како спорни ги наведуваат стиховите како: „Додека палиш свеќа, прашај ја баба ти / Зошто ќерките ги раѓала во страв“ (Dok pališ sveću pitaj svoju baku / Zašto je ćerke rađala u strahu), потоа „Нашите мајки не изнедрија робови“ (Nisu naše majke iznedrile roblje) и „Синовите наши не се поданици“ (Sinovi naši nisu podanici), како и делот од песната што споменува „предавници“.

Кај дел од турските медиуми и објавите на социјалните мрежи, овие стихови се толкуваат како референца на историските искуства од времето на отоманското владеење. Реакциите биле предизвикани не само од текстот, туку и од визуелниот идентитет на настапот.

Особено се споменуваат крстовите и другите христијански симболи на лицата и рацете на членовите на групата „Лелек“, што дел од турската јавност ги поврзува со приказните за жените кои во минатото се обидувале да се заштитат од киднапирање и насилство на овој начин.

Меѓутоа, толкувањата на тој обичај не се недвосмислени. Тетоважите што се појавуваат во изведбата најчесто се поврзуваат со традицијата на сицање, стар обичај на тетовирање кај католичкото население во Босна и Херцеговина. Овој обичај често се толкува од јавноста како дел од културното и религиозното наследство, а не исклучиво како симбол на отпор кон Османлиите.

Во претходните медиумски настапи на таа тема можеа да се слушнат и различни објаснувања . Така, на пример, 71-годишната Мара Бојиќ од Босна рекла дека тие тетоважи не биле „заштита од Турците“, туку дел од католичката традиција и наследство.

Од друга страна, постојат и толкувања според кои сичања во одредени периоди добила дополнително значење на зачувување на идентитетот за време на османлиското владеење.

Токму поради овие различни толкувања, дел од турската јавност ги доживува изведбата и песната како повеќе политичка отколку уметничка, додека од хрватска перспектива тие, пред сè, можат да се читаат како уметничка обработка на историското сеќавање, колективната болка и мотивите на предавство, без директно вперување на прстот кон денешна Турција.

Групата „Лелек“ ја сочинуваат Јудита Шторга, Инка Вечерина Перушиќ, Корина Оливија Рогиќ, Лара Бртан и Марина Рамљак.

Станува збор за етно-поп композиција која комбинира традиционални мотиви и современ поп звук.

Хрватска со песната „Andromeda“ ќе се претстави во првото полуфинале на Евровизија 2026, кое ќе се одржи на 12 мај во Виена.

ФОТО+ВИДЕО | „ЛЕЛЕК“ победи на „Дора“, Хрватска испраќа етнозвук на Евровизија

Одлуката е донесена: Израел ќе учествува на Евровизија 2026 година

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот