ФОТО+ВИДЕО | „ЛЕЛЕК“ победи на „Дора“, Хрватска испраќа етнозвук на Евровизија
Петчлената група „ЛЕЛЕК“ триумфираше на годинашното издание на „Дора“ и во мај ќе ја претставува Хрватска на Изборот на песна за Евровизија, кој ќе се одржи во Виена.
Препорачано
Со песната „Andromeda“, составот освои вкупно 173 поени од публиката и од стручното жири во финалето, потврдувајќи ја фаворитската улога што ја имаше уште од почетокот на натпреварот.
Непосредно по прогласувањето, девојките не ги криеја емоциите, а на прес-конференцијата зборуваа за чувството по победата.
„Горда сум на нас затоа што навистина се потрудивме, дадовме сè од себе за ова. Иако, лично за мене, чувството е многу чудно – како да сонувам… Се исплатеше сè што работевме. Ќе се потрудиме уште повеќе да вежбаме и да ја претставиме Хрватска на најдобар можен начин“, изјави Корина Оливија Рогиќ, членка на групата.

„ЛЕЛЕК“ и минатата година настапи на „Дора“ со песната „The Soul of My Soul“, но тогаш на сцената не беше Инка Вечерина Перушиќ. За неа, ова беше прво искуство на фестивалот.
„Девојките се обидуваа да ме подготват за сè, бидејќи тие веќе го имаа поминато тоа искуство. За мене многу работи беа непредвидливи. Добро ме подготвија. Мислам дека ништо не може да се спореди со ова чувство сега – сите пет ја делиме истата емоција, огромна гордост“, порача таа, притоа упатувајќи пофалби и до останатите кандидати што се натпреваруваа во финалето.
Формирана во 2024 година, „ЛЕЛЕК“ гради препознатлив музички идентитет преку спој на хрватската традиционална музика и современ поп-израз, со силен визуелен концепт и сценска драматургија. Со „Andromeda“, групата ќе се обиде да обезбеди значаен пласман за Хрватска на европската сцена во Виена.


