ВИДЕО | Тивкиот убиец не поштедува никого: Млади луѓе страдаат од хипертензија, дијагностицирани и бебиња и тинејџери

Фото: Profimedia

Во 2020 е намален бројот на новозаболени, но тоа не ја покажува реалната состојба, поради ситуацијата со пандемијата

На Светскиот ден на хипертензијата, податоците се поразителни: секој четврти од десет возрасни имаат повисок крвен притисок, што често не се дијагностицира навреме.

Професор доктор Билјана Герасимовска, претседател на македонската асоцијација за хипертензија во изјава за „Слободен печат“ вели дека значително е намален бројот на новодијагностицирани пациенти со хипертензија во однос на изминатите години, но тоа според неа се должи на специфичната ситуација предизвикана од пандемијата, и неволноста на пациентите да одат на редовни прегледи освен во случај на итност.

– Во 2020 година има значително намалување на бројот на новодијагностицирани пациенти кои имаат висок крвен притисок, односно „само“ кај 56.000 пациенти е дијагностицирана оваа болест, што е значително помалку во споредба со изминатите години кога во 2017 имало 132 000 нови пациенти на кои им била дијагностицирана хипертензија, во 2018 овој број се зголемува на 288 000, а во 2019 овој број достигнува 96 000 нови пациенти. Сепак намалувањето на бројот на нови пациенти не треба да не радува, бидејќи тоа не ја покажува реалната состојба, туку е одраз на специфичната состојба во која се најде здравствениот систем поради пандемијата од ковид-19. Голем број на пациенти не беа во можност да отидат на преглед освен во случај на итност, што е причина за намалувањето на бројот на пациенти, вели д-р Герасимовска.

Таа нагласува дека според општа проценка околу 200 000 луѓе во Македонија се соочуваат со хипертензија. Во 2020, регистрирани се 131 859 прегледи независно дали кај нови или хронични пациенти, поради хипертензија.

Доктор Љубомир Стефановски кој повеќе од 20 години работи како матичен лекар на кого најпрво му се обраќаат пациентите поради покачен крвен притисок вели дека алармантно станува тоа што и млади луѓе во адолесцентниот период страдаат од хипертензија. А од оваа болест не се исклучени ниту бебињата, на кои хепертензијата им е нејчесто наследена од мајката, а зависи од нејзината воздраст, гестациската недела на породување, и наследните фактори.

-Три проценти од бебињата, и околу 10 проценти од адолесцентите страдаат од хипертензија. Тоа е само уште еден показател дека од оваа болест не е исклучен никој. Немањето здрави животни навики, брзата храна, која најчесто е премногу зачинета и полна со мрснотии, слабата физичка активност и стресот се најголемите причинители на високиот крвен притисок, но не треба да се занемари ниту генетскиот фактор, објаснува д-р Стефановски.

Хипертензијата се нарекува тивок убиец. Затоа што во почетокот нема субјективни потешкотии се додека не се развијат компликации. Затоa од голема важност e неговото рано откривање и третман. Со нејзиното појавување се оштетуваат органите и се нарушува целокупното здравје на човекот.

-Најопасна е малигната хипертензија, и без разлика на примените лекарства се случува да не можеме да го контролираме притисокот. За почеток на хипертензија го сметаме крвниот притисок 149 со 99 и тогаш почнуваме со терапија. Оваа состојба е неизлечива, но може да се контролира. Доколку не се контролира, хипертензијата е причинител за анеуризма, заболување на бубрезите и срцето, релативно чести се промените на очното дно кои доведуваат и до слепило. а предизвикува и остеопороза, предупредува д-р Стефановски.

Тој советува да се јадат пет мали и здрави оброци на ден, секојдневна спортска активност по 30 минути, да не се пушат цигари, затоа што дури и умерената хипертензија го скратува животот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот