ВИДЕО | Студот не ги спречи: Полуголи Дедомразовци трчаа по улиците на Будимпешта
Улиците на Будимпешта вчера се претворија во сцена на необичен божиќен настан наречен „Трка на полуголи Дедомразовци“. Голем број учесници, облечени во црвени костими, храбро им се спротивставија на ниските температури со цел да ги насмеат минувачите и истовремено да ја подигнат свеста за работата на хуманитарните организации, пренесе „Ројтерс“.
Препорачано
Настанот се одржал во центарот на унгарската престолнина и вклучуваше трчање, пеење, танцување, вежбање и склекови. Веселите извици „хо-хо-хо“ одекнувале по улиците, привлекувајќи го вниманието и на жителите и на туристите.
Организаторот на манифестацијата, Кристијан Мехеш, истакнал дека целта на трката не е само забава.
„Кога ќе дојде овој период од годината, никому навистина не му се излегува на студ. Секогаш си велам: ‘Зошто би излегол надвор?’ Но ако ние не излеземе, кој ќе го стори тоа? Ние сме тие што работиме во текот на целата година, а еден ваков настан може да помогне јавноста да обрне внимание на нивната мисија“, рече тој.
Учесниците рекле дека студот не им претставувал проблем, бидејќи со постојаното движење и заедничките активности успеале да се загреат.
Мехеш дополнително објаснил: „Ако не сте премногу облечени, вашето тело не се загрева поинаку од, на пример, вашиот нос. Всушност, не ви е студено. Ако сте облечени како мене, по неколку минути престанувате да ја чувствувате студената температура и само се надевате дека сè ќе помине добро до крајот.“
Покрај трчањето, учесниците се забавувале со вежбање, танцување и пеење, а многумина делеле слатки на минувачите, ширејќи празнична атмосфера.
Една од учесничките, Викторија Анѓал-Палфи, го опишала своето доживување:
„Сретнав многу насмеани луѓе. Тие насмевки ме стоплија до крајот на годината. Жал ми е што не дојдов порано, бидејќи навистина беше прекрасно.“
Настанот е инспириран од слична манифестација во Бостон, но организаторите му додале унгарски особености, како паузи за вежбање, пеење и танцување, создавајќи единствена празнична традиција која привлекува луѓе од сите возрасти.


