ВИДЕО | Стојановска за Маричиќ: Се однесуваше како неизживеан предатор правејќи гадни гестови со неговите усни, бакнежи и намигнувања

Фото: Слободен печат

„Јас, додека имав процедурална забелешка на политичкиот маркетинг на министерката за труд и социјална политика, наместо соодветен одговор на поставено прашање за протестите на пензионерите, просведочив како овој вицепремиер, кој лажно се претставува како европски лик, почна да ми изигрува недоличен шармер и одвратен „мачо-мен”. Се извинувам на медиумите на моиве квалификации, но верувајте дека она што Маричиќ го правеше спроти мене, беше многу многу грда слика и сексистичка провокација за секаква осуда“, истакна Дафина Стојаноска на денешната пленарна седница наменета за поставување пратенички прашања.

„Денес, и не за прв пат, вицепремиерот за европски прашања, позади микрофон и позади камери, недолично довикуваше и се однесуваше кон пратеничка. Вицепремиерот Маричиќ, денеска најпрво дофрлаше за да деконцентрира, како и многупати досега, а потоа прејде на безобразно и лигаво гестикулирање, заборавајќи дека е во Собрание, а не во полноќен филм за возрасни, рече пратеничката Стојановска.

Таа потенцира дека Маричиќ „го прекршил владиниот кодекс“ и како што истакна „наместо највисоки стандарди на однесување и почитување на личноста и угледот на секој поединец тој се однесуваше како неизживеан предатор, како невоспитан маж, правејќи гадни гестови со неговите усни, навредливи за секоја жена, особено на јавна сцена“.

„Како пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија”, бараме остра осуда за ваквиот однос на маж кон жена, на министер и министерка кон пратеници и пратенички, како и на немоќта на одговорните за работата на Собранието да стават крај на ваквото нецивилизирано однесување на извршната власт кон законодавната. Во оваа држава паднати се сите норми и критериуми, но ова денес е допир со најдлабокото дно на срамот, некултурата и непочитта. Европскиот фронт е заглавен во тунел без светло и секој дефокус би им бил добредојден, само за да не се зборува за актуелните и секојдневните маки на нашите сограѓани. Сепак, ова денес не беше обид за дефокус, туку класичен пример за вистинското лице на актуелната власт на СДСМ, рече таа.

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ попладнево демантираше дека на пратеничката Дафина Стојаноска и испратил вербална или гестикулативна порака на денешната собраниска седница за пратенички прашања.

„Најостро ги демантирам недостојните и ниски лаги на пратеничката Дафина Стојаноска. Со пратеничката ниту сум имал било каква комуникација ниту сум ѝ испратил било каква вербална или гестикулативна порака. Ништо од тоа. Дефина Стојаноска денеска им нанесе срам на сите пратеници, на цел Парламент и пред сѐ на нејзината партија. Сепак, најголемиот срам си го нанесе себеси. Македонските граѓани заслужуваат достојно однесување од своите избраници, а не срамни потези за евтини и партиски манипулации, напиша Маричиќ на „Фејсбук“.

Достојноста на македонскиот Парламент, како што стои во статусот на „Фејсбук“ е многу поважна од личните и партиски интереси на Дафина Стојаноска и од нервозата и безидејноста која владее во нејзиниот табор.

Според Стојаноска, Владата и Собранието имаат кодекси за однесување, но тие се само за на хартија и само за пред странци. Реалноста, како што истакна, е дека тие не важат за власта но и исто така дека оваа држава е водена од луѓе кои што пред се немаат никаква култура ниту почит кон било кого

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот