(ВИДЕО) Слободен печат во Свети Николе: Во градот без коронавирус животот тече нормално, но под маски

Фото: Слободен печат/ Ристе Пејовски

Коронавирусот и покрај неговото агресивно распространување помеѓу населението, се уште не стигнал во неколку македонски градови. Еден од нив е и Свети Николе. Екипа на Слободен печат денеска го посети овој град каде забележавме дека животот, иако под маски, тече нормално, со помалку страв. Населението со доза на недоверба, но сепак одговараше на нашите прашања, а иако ненајавени, остваривме посета и со градоначалникот на Свети Николе, Сашо Велковски, кој не уверуваше дека општината презема мерки и прави напори за да остане една од ретките без евидентирани пациенти заболени од коронавирус.

Полицискиот час најголем проблем им прави на земјоделците и сточарите, кои денеска направија метеж пред општинската зграда, во обид да достават документација, неопходна за  обезбедување дозвола за движење, која пак ќе им овозможи непречено работење на нивите. А, за воља на вистината, дел од нивите кои ги забележавме ние, денеска останаа празни.

И додека земјоделците си ги чекаа нивните дозволи за движење за време на полициски час, директорот на фабриката за текстил „Мода“ обезбедил дозволи и тоа за сите вработени, кои во сабота треба да се појават на работните места. Откако до нашата редакција стигнаа пораки на работнички кои се жалат на однесувањето на сопственикот Ангел Димитров, ние се упативме во фабриката.

– Нема ништо нерегуларно и незаконски во обезбедувањето на дозволите за движење на моите вработени. И други компании од приватен сектор го направија истото. Производството не смее да престане, ние во сабота имаме договорена пратка за извоз – ни рече Димитров.

На нашето прашање дали стравува дека коронавирусот може да се прошири и во неговиот производствен погон, Димитров вели дека се преземаат сите заштитни мерки.

– Ако еден работник се зарази од коронавирус, јас одма ќе ја затворам фабриката. Еве на пример ја оставив дома да седи жената на попот што бил на погреб во Куманово, за секој случај да не имал сопругот нејзин контакт со некој заболен – истакна Димитров.

Позитивно не изненади меѓусебниот однос на младите од двете спротивставени политички партии, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Тие заедно, со здружени сили, денеска започнаа да ги дезинфицираат улиците, влезовите во домовите и дуќаните, а најавија дека акцијата ќе продолжи се додека има потреба.

Фото: Слободен печат/ Ристе Пејовски

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот