фото: Земјотрес, магнитуда

ВИДЕО | Силен земјотрес од 6,9 степени го погоди Чиле, жители останаа без вода и струја

Силен земјотрес со јачина од 6,9 степени го погоди Чиле, околу 30 километри источно од градот Калама на северот на земјата, соопшти Геолошки завод на САД, пренесува Ројтерс.

Земјотресот бил на длабочина од 109 километри во пустината Атакама.

Чилеанските власти засега не пријавија повредени лица или материјална штета, единствено прекини со струја или вода.

„Заканата од цунами за чилеанскиот брег е избегната“, изјавил Фелипе Плаза од националната служба за спречување и управување со катастрофи.

Чилеанската државна компанија за бакар „Коделко“ прекина дел од активностите поради намалена видливост во коповите или прекин на снабдувањето со електрична енергија во одредени области, изјави портпарол на компанијата.

Рударските компании „BHP“ и „Антофагаста“ соопштија дека нивните операции не биле погодени од земјотресот.

Рикардо Мунизага, регионален директор на чилеанската Агенција за управување со катастрофи, изјави дека, иако земјотресот предизвикал одрони во некои производствени подрачја, нема пријави за повредени или други поголеми вонредни ситуации.

„Жителите останаа без струја, а имаше и прекини во водоснабдувањето во градот Калама, каде што живеат многу рудари“, рече Мунизага, дополнувајќи дека клучната инфраструктура не била погодена.

Чиле важи за една од сеизмички најактивните земји во светот, бидејќи на нејзина територија се спојуваат три тектонски плочи.

Во 1960 година земјата ја погоди најсилниот регистриран земјотрес во историјата, со магнитуда од 9,5 степени, кога бил разурнат градот Валдивија, а загинале околу 9.500 луѓе.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот