ВИДЕО | Семејството Бајрам контра Инфомакс: Направија непотребна медиумска хајка, настанот има политичка позадина

Сеад Исмаил
Сеад Исмаил, професионален модератор ангажиран од семејството Бајрам/ Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Семејството Бајрам ангажираше професионален модератор за да ги отфрли обвинувањата кои вчера порталот Инфомакс ги пласираше во врска со акцијата на МВР во Градскиот трговски центар каде во простории сопственост на семејството Бајрам беа откриени компјутери и информатичка опрема по претходна пријава дека таму биле поставени машини за копање крипто валути, но полицијата потоа негираше дека откриле нешто спорно дури и во однос на копањето па и во крадењето на струја, а приказната ја продолжи порталот лиферувајќи повеќе детали и обвинувања на сметка на семејството Бајрам.

Сеад Исмаил, во име на семејството Бајрам, вчерашниот упад го оцени како непримерен и незаконски, во компанија која легално работи со компјутери.

-Се работи за објавени видео снимки и неточни информации односно шпекулации и груби манипулации од страна на веб порталот Инфомакс кој синоќа изврши упад  во изнајмените простории во ГТЦ и направија фама од лажните информации и се служеа со незаконски упад во изнајмените простории при што направија штета на влезната врата како и кражба на дел од видео надзорот, поточно хард диск и компјутерска опрема која беше маскирана во неколку кутии и фрлена во контејнери во непосредна близина, рече Исмаил додавајќи дека целокупната документација за упадот ќе биде доставена до надлежните институции, запрашувајќи дали во 21 век вака треба да изгледа професионалното новинарство.

Тој појасни дека компјутерската опрема која била стационирана во изнајмените простории во ГТЦ е „согласно законот увезена во нашата држава и за неа е уредно платена царина и сите останати давачки кон државата.

-Изнајмениот простор се користи како магацински каде што се врши и сервисирање на истата компјутерска опрема при што истата сервисирана компјутерска опрема се подготвува за извоз. Синоќа се направи непотребна медиумска хајка, за нас од непознати, а за нив познати причини со што е загрозен и нарушен кредибилитетот на семејството Бајрам, рече Исмаил, толкувајќи дека целиот настан има политичка позадина.

Тој повторно се наврати на порталот Инфомакс обвинувајќи го за тенденциозно и дискриминаторно информирање кон Ромската популација за да фрли црна дамка врз ромската заедница, ретроактивно оцрнувајќи ги Ромите без разлика дали се работи за политичка партија, бизнисмен или обичен граѓанин.

-Поради ова бараме надлежните инстутиции да ја преиспитаат отворената дискриминација на овој медиум кон ромскиот народ, дециден е Исмаил.

Во однос на можноста за „копање крипто валути“ Исмаил напомена дека тоа може да го врши секој дури и од мобилен телефон, персонален компјутер и конзоли за играње.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот