ВИДЕО | Селмани: Власта по некое време корумпира, а ДУИ е предолго на власт

Имер Селмани / Утрински брифинг
Имер Селмани / Утрински брифинг

ДУИ е веќе 20 години со статус на владејачка партија. Најавени се прослави и музички концерти организирани од оваа партија. ДУИ ја започна кариерата како политичка партија како движење на бунтот на граѓаните со албанско потекло, па нивниот подем беше очекуван и тие се најконтинуитетната партија во последните 20 години.

– Дваесет години на политичката сцена, од кои 18 години на власт, а на локално ниво некаде и со апсолутна власт секако е добро за ДУИ, но се сомневам дека е собро за државата. ДУИ има секакво право да го слави овој јубилеј, но во овој момент кога граѓаните се соочуваат со егзистенцијални проблеми, ова секако не наидува на одобрување од граѓаните освен на оној груг на партиски активисти, вели Имер Селмани, поранешен министер и претседателски кандидат за Утрински брифинг.

Тој вели дека владеењето на ДУИ има и добри и лоши страни, а лош белег кој ја видоизмени државата е тоа што ДУИ го поддржа проектот Скопје 2014 кој, како што гледаме, бил финансиран на криминален начин. Друг лош момент е што голем број млади луѓе се вработуваа по клуч а не одеа на работа поради што не ни успеаја да изградат административна кариера, коментира Селмани за Утрински брифинг.

Селмани коментира дека има перцепција дека секоја власт по неколку години владеење се расипува и тоа е веројатно точно.

– Власта корумпира, а за ДУИ се има таква  перцепција. ДУИ и на локално и на државно ниво се обвинуваат за криминал, но не е покренат ниту еден процес за разлика од функционери од СДСМ и ВМРО-ДПМН. Но, ДУИ умее да соработува со обете овие големи партии кои се дел од она што би се нарекло бедем кој ги штити функционерите на ДУИ, коментира Селмани.

Според Селмани, точна е оценката дека претходница на ДУИ е воена формација па оттука национализмот е нивни терен.

– Се покажа дека ДУИ знае цврсто да игра на националните чувства, но има и одредени елементи на државност, понекогаш дури и на повисоко ниво од повеќето македонски политички партии. Стете се на 2017 година. Тогаш, по сите оние бомби, ДУИ покажа чувство за државност кога требаше да одлучи со кого ќе коалицира. Друга работа е придонесот на ДУИ за Преспанскиот договор и неговата успешност со што се реши деценици спор, а ние набргустанавме членка на НАТО. Признавањето на автокефалноста на МПЦ-ОА е дел од тие добри последици, вели Селмани.

Албанските гласачи, вели Селмани, како и сите гласачи, прво ги гледаат своите ситни интереси, но потоа ги гледаат и општите интереси кои за Македонија се членството за НАТО, потоа и членството во ЕУ, како и економска благосостојба.

– Во јавноста се поделени мислењата дали ДУИ е ДУИ само со Али Ахмети. Повеќето Албанци во Македонија сметаат дека ако Ахмети се повлече од лидерското место на партијата тоа ќе се одрази на ДУИ во смисла на тоа дека ќе се разбудат политички амбиции. Сме го виделе тоа. Црвенковски замина од СДСМ, а Георгиевски од ВМРО-ДПМНЕ но овие партии го преживеаја тоа. Од друга страна, со заминувањето на Арбен Џафери неговата партија ДПА претрпе сериозни последици во смисла на популарноста кај гласачите, коментира Селмани.

Селмани коментира дека ако помалите партии на Албанците во Македонија научат да соработуваат меѓу себе, тогаш е можно обединувањето на партиите да доведе до симнување на ДУИ од оваа позиција што ја има последниве 20 години.

Проследете го целиот разговор во видеото

ВИДЕО | Селмани: Ако Али Ахмети се повлече од лидерското место, прашање е дали ДУИ ќе опстои

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот