ВИДЕО | Се урна огромно скеле на градилиште во Клиничкиот болнички центар во Загреб
На социјалните мрежи се прошири видео од уривање на скеле на градилиште на Клиничкиот болнички центар (КБЦ) во Загреб.
Препорачано
Според неофицијалните информации, како што пренесува Индекс.хр, инцидентот се случил минатиот петок.
На видеото се гледа како еден работник се обидува да го спречи уривањето, но бега во моментот кога сфаќа дека не може да направи ништо. Се чини дека работниците се обидувале да го стабилизираат скелето пред уривањето.
Од КБЦ ја потврдија информацијата и соопштија дека во инцидентот нема повредени, како и дека пациентите и вработените во болницата не се загрозени.
„Веднаш по настанот, изведувачот го обезбеди просторот и ги презеде сите потребни мерки за да спречи какви било понатамошни опасности. КБЦ Загреб е во постојана комуникација со изведувачот и надлежните служби, а безбедноста на пациентите и вработените останува наш апсолутен приоритет. Работата на болницата се одвива редовно и без прекин. Им благодариме на граѓаните за нивното разбирање и трпение и навремено ќе ја информираме јавноста за сите релевантни информации“, соопштија од КБЦ од Загреб.
Инаку, во тек е проектот од третата, последна фаза од реконструкцијата и изградбата на КБЦ Загреб, кој вклучува изградба на нова шесткатна болничка зграда која ќе се простира на површина од 35.894 квадратни метри со капацитет од 197 болнички кревети.
Внатре ќе бидат просториите на Клиниката за ортопедија, Клиничкиот институт за радиологија, Клиниката за очни болести, Клиничкиот институт за патологија и цитологија и Клиничкиот институт за трансфузиона медицина и трансплантациска биологија, во кој е вклучена и Хрватската банка за ткива и клетки.
Покрај овие болнички единици, во новата зграда ќе бидат сместени и централна кујна, болничка аптека, простории за едукација на студенти, гардероби, централна архива, магацин и простории за техничка помош.
Планот вклучува и гаража со површина од 31.406 квадратни метри, односно 1.045 паркинг места за посетители и вработени во болницата, на чиј покрив ќе има и хелиодром за итни случаи, трансфер на пациенти и потребите на програмата за трансплантација.


