ВИДЕО: Прооден патот за горнореканските села, над урнатиот мост Oпштината постави земја и камења

Фото: Фејсбук / Медат Куртовски

Општина Маврово-Ростуше делумно го оспособи мостот од патот кој води кон неколку горнорекански села кој се урна на 18 месецов, откако реката Радика се излеа, а неколку села останаа отсечени од светот.

Над оштетениот мост поставени се наноси од земја и камења, каде сега мештаните можат со своите возила да поминат и да стигнат до своите села. Градоначалникот на Општина Маврово Ростуште Медат Куртовски вели дека локалната самоуправа санирала и некои други патни правци оштетени од невремето.

„Локалните патишта кои беа оштетени од поплавите се привремено оспособени за движење на лесни возила, за да можат граѓаните да се движат, особено од село Нистрово. Понатаму ќе има и други активности во насока на подобрување на патната инфраструктура во тој дел на општината“, истакна градоначалникот на Општина Маврово Ростуше Медат Куртовски.

Мештаните од Нистрово бараат што поскоро да се изнајде трајно решение за оштетениот мост, оти ваков мост со земја и камења во секој момент може да го снема, ако повторно се покачи водостојот на река Радика.

„Земја и камења има ставена на мостот кој што се урна и сега може да се поминува, но малку потешко, но сепак може. Но, ако пак се покачи нивото на водата како минатиот пат, тогаш може да се урне мостот, и повторно да останеме без пат. Значи мора да се направи трајно решение, ова е само привремено решение, вели Калош Билали жител на горнореканското село Нистрово.

Од невремето вели Билали и нашите домови се оштетени.

„Друг проблем е што имаме штета во нашите домови. Од ветерот дел од покривната конструкција на домовите е оштетена и има доста вода во домовите, штета има и по собите“, вели Билали

По поголеми обилни врнежи или наноси од снег, жителите на горнореканскиот крај често се соочуваат со блокирани патишта поради оштетувања или одрони. Тие се жалат дека не се преземаат сериозни превентивни чекори и велат дека веќе по „традиција“ зимно време се отсечени од светот.

Осум села од горнореканскиот крај – отсечени од светот

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот