ВИДЕО | Превозниците со порака: Срам да и` е на градоначалничката, не остави без леб!

Протест на приватните автобуски превозници / Фото: Слободен печат/Методи Здравев

Ние сме чесни луѓе кои самите инвестиравме во сето она што го имаме, самите си се вработивме, редовно плаќаме даноци а сега се доведовме во ситуација, некои од нас да немаат земнено плата и шест месеци. Срам да и е на градоначалничката! Ова го изјавија приватните автобуски превозници кои во моментов се на протест пред седиштето на ЈСП „Скопје“ каде се собрани и бараат средба со првиот човек на претпријатието Александар Стојковски.

– Пред некој ден баравме прием кај градоначалничката Данела Арсовска, но не бевме примени. Затоа дојдовме тука културно и цивилизирано да побараме прием и од директорот на ЈСП „Скопје“ за да ни каже како најкомпетентен, зошто не не исплаќа, според договорот и зошто дозволил да се акомулира толкав долг во изминатите месеци – вели Кемал Муриќ за „Утрински печат“ на Слободна ТВ.

Според Муриќ, превозниците се видно револтирани по последната прес-конференција на Арсовска, и истакна дека се, буквално згрозени од изнесените невистини околу т.н. продажба на билети без фискални сметки.

– Сите ние, а и сите наши корисници на превозот знаат дека од самиот почеток фискалните апарати кои што воедно ни ги монтираше и ни ги инсталираше ЈСП не функционираат ниту во приватните автобуси ниту пак во автобусите на ЈСП. ЈСП ја има целата контрола врз билетите. Од изработка, од дистрибуција по нивни пунктови но и наплата. Затоа, ние убаво рековме дека бараме од наплатата нашиот дел да ни биде исплатен. Значи не ни е исплатен. За жал, градоначалничката не најде време за да не прими. За разлика од неа, ние денеска имаме состанок со координаторите на сите советнички групи на Град Скопје на кои ние ќе им го изнесеме нашиот проблем – децидни се тие.

Според возчите на автобусите на „Слобода превоз“ и на „Макекспрес“, градоначалничката се обидува да создаде раздор помеѓу нив, наместо да изнајде решение за настанатиот проблем.

– Гледаме дека градоначалничката со својата изјава сака да направи раздор помеѓу превозниците и нивните нпретставници. Тоа е уште една срамна работа. Срам да и е на градоначалничката за која ние на времето се заложивме максимално. Македонија е демократска држава, ние имаме право да се здружуваме и да формираме фирми и да учествуваме како сакаме ние. Ние да ја немавме таа доверба немаше да функционираме децении и децении наназад, онака како што функционираме Се сменија гарнитури на градоначалници и локални власти а ние функциониравме без проблем се додека не дојде оваа градоначалничка и почна да дава вакви изјави. Срамота е! Срам да и е во името на сите превозници! – рече Муриќ.

Тие на протестот се пожалија и дека доспеаниот долг кој ЈСП „Скопје“ го има кон нив за неколку дена ќе достигне 2 милиони евра.

– Не` оставија без леб. Не можеме да однесеме леб дома. Знаете што значи тоа! Чесни луѓе кои сами инвестиравме, самите се вработивме и погледнете што сака да ни направи, нема да го дозволиме тоа! – револтирано коментираат превозниците.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот