ВИДЕО | Обвинителката Бојчевиќ: Денешното признание на вина на Стојанче воопшто не е признание на вина
Адела Бојчевиќ, јавната обвинителка во случајот против Стојанче Јовановски, кому му се суди за наведување на самоубиство на неговата сопруга Ивана која го загуби животот со пад од зграда со шестгодишната ќерка Катја, по денешното судско рочиште изјави дека „признанието на вина на обвинетиот воопшто не е признание“.
Препорачано
-Денешното признание на вина од страна на обвинетиот воопшто не е признание, зашто согласно Законот за кривична постапка се знае во оваа постапка како се дава тоа признание. Треба да биде доброволно, јасно и без присила од никого. Поради тие причини судијата не го зема предвид признанието, не го ценеше. Затоа продолживме со изведување докази. Овој настан и голема трагедија го водам од почетокот од моментот на увид. Бев на лице место. За многу краток период собравме многу обемен доказен материјал врз основа на кој се базира обвинението за сите три кривични дела што му се ставаат на товар на обвинетиот. Во насока на почитување на презумпцијата на невиност на овој обвинет, сметам дека тој е невин додека јас не го докажам спротивното до крајот на постапката. Тоа важи и за овој обвинет и за било кој обвинет во било која друга кривична постапка. Иако овој предмет е навистина чувствителен и е под ваше медиумско око и под око на јавноста. Товарот на докажување е мој, јас до крај сметам дека имам голем број докази што ќе бидат изведени во оваа постапка и со сигурност ќе докажам надвор од разумно сомневање дека Стојанче ги сторил кривичните дела точно на начинот опишан во диспозитивот на обвинителниот предлог, рече обвинителката Бојчевиќ.
Таа упати апел да се почитува достоинството на жртвите. Инаку на денешното рочиште обвинетиот Стојанче Јовановски рече дека сведокот Мартин Саздов бил во врска со Ивана и дека тој ја наведувал да се самоубие. Обвинителката вели дека тие околности не постојат, за нив немало никаков сомнеж и дека самото сведочење на мајката на Ивана укажува како Стојанче се однесувал со неа.
Обвинителката нема сомнеж околу оваа околност и тврди дека обвинетиот може да се брани на каков начин сака во оваа постапка.
-Во однос на Мартин Саздов, кој е предложен како сведок, денешната одбрана ја гледам како чиста манипулација во насока да се избегне кривична одговорност. Понатаму оставам доказите да зборуваат самите за себе, додаде обвинителката.


