Стојанче ги оставил Ивана и Катја на автопат во еден часот по полноќ, па Мартин Саздов дошол да ги земе, сведочи мајката
Мајката на Ивана, Љубица Стојановска денеска во судница сведочеше што претходело на одлуката Стојанче и Ивана да се разведат. Имено, Стојанче Јовановски среде автопат во 1 часот по полноќ ги оставил својата ќерка и својата сопруга и си заминал за Скопје, зашто се изнервирал кога се враќале сите заедно од свадба во Штип што Ивана не се приклучила на точната клучка и го згрешила патот.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Тогаш во ситуацијата помогнал Мартин Саздов, другарот на Стојанче кој отишол да ги земе Ивана и Катја ноќе, на автопат, каде Стојанче ги оставил претходно.
-На враќање згрешила Ивана каде да се исклучи на пат, се скарале. Стојанче ги избркал од кола Катја и Ивана на автопат, ја удирал ја клоцал Ивана. Катја рече – „и мене бабо ме удри“. И си заминал, ги оставил на автопатот во 1 часот ноќта. Ивана се јави на свекрвата дека е оставена на автопат, да дојде да ја земе. Мајката на Стојанче рекла дека ја боли стомак и не може да ја земе. Се јавила Ивана кај свекорот и тој кажал „не можам да дојдам“. Се јавила на Мартин Саздов и тој отишол, да ги земе од автопат и ги однел кај него дома. Фала му. Ивана после нас ни рече – „тато, мамо не можам веќе да издржам“. По што ние двајцата ѝ кажавме да остане кај нас, дека тоа е нејзина куќа, сведочеше Љубица Стојановска.
Запрашана во каков однос била Ивана со Мартин Саздов, мајка ѝ рече:
-Катја беше многу искрено дете. Таа покрај сите проблеми што ги гледаше со мајка ѝ и татко ѝ имаше љубов во срцето кон татко ѝ. Никогаш не рекла лош збор за татко ѝ. Тогаш само кажа „тато ја удираше со клоци мама долу легната на автопат и не избрка од автомобилот“. Сепак покрај тие работи, Мартин и Стојанче имале комуникација. Дури Стојанче за овој случај на Мартин Саздов му кажал „двете к…и ги натепав“. А тука мислел на ќерка ми и внука ми. Еднаш не ја однесов Катја во школо, купивме чизми за снег, беше толку среќна, пресреќна. Правевме снешковци. Таа рече „овој Снешко е за тато, овој е за мама“. И еден Снешко го направи со крст, рече дека е за дедо Боже, рече мајката на Ивана.
Минатото лето, рече таа, Катја била со неа во станот а Ивана заминала во другиот стан да земе облека. Кога влегла внатре, Стојанче бил таму, не заминал на работа.
– Според тоа што ми го кажа Ивана, сакал да ѝ ги земе телефоните да види дали со некого контактира. Имаше модринки и вратот ѝ беше модар, ја давел. Некако успеала да излезе од станот. Потоа ми се јави мајката на Мартин Саздов другарот на Стојанче. Таа ми кажа дека Ивана била нападната од Стојанче и некако успеала да излезе од станот каде што живеат. Ме советуваше да пријавам во полиција, зашто не знаат каде е Ивана. Јас лично пријавив во полициска станица Карпош и кажав дека ќерка ми е нападната од сопругот и дека не знам каде се наоѓа. Јас им ја кажав адресата, зашто мислев дека е во околината и го дадов телефонскиот број на ќерка ми. Полицијата ми кажа да дојдам во станица. Таму дојдов со Катја. Во меѓувреме полицијата стапила во контакт со Ивана и ја викнаа во полициска станица Карпош. Се сретнавме со Ивана во полициска станица Карпош. Имаше модринки од стегање на рацете и на вратот. Тогаш инспекторот Горан ја викна на разговор во посебна просторија а јас останав со внуката во ходникот. Во меѓувреме дојдоа полициски службенички, ја качија на горниот спрат Катја ѝ дадоа мала брошура. Едно време ме прашаа дали Катја е алергична за да ѝ понудат да јаде да се напие нешто. Половина час траеше тоа. Записникот беше направен и утредента требаше да се потпише. Ивана не отиде утредента да го потпише записникот од страв. „Мамо, тато, ќе помине“ ни рече, татко ѝ беше уште жив. Стојанче веќе му се јави на својот адвокат да покрене бракоразводна парница, Ивана се согласи и не сакаше дополнителни нервози. Сакаше тоа да се заврши по мирен пат, да нема проблеми и Катја да биде со неа, кажа Љубица Стојановска.
Она кое што најмногу ја плашело Ивана било дека Стојанче нема да ѝ ја врати Катја кога ја земал на средба додека траела бракоразводната постапка.
-Секогаш беше во грч дали ќе ја врати назад Катја. Кога Катја тргна во училиште на наставничките им беше пренесено дека се во бракоразводна парница, дека детето гледало неубави работи и малтретирање, да не направи екцес со деца, со тоа што до последен момент Катја во ниеден момент никогаш не покажала агресивност кон другарчиња. Стојанче не беше пожртвуван родител, знаеше да си отспие, да тренира, а тоа дете треба љубов, да го прошеташ. Ретко излегуваа, рече мајката на Ивана.
Мајката на Ивана рече дека кога почнала бракоразводната парница, Ивана била под голем стрес – секогаш кога ќе го видела телефонот дека ѕвони, дека се јавува Стојанче ѝ треперел гласот.
-Никогаш не се делеше од Катја, ја шеташе. Кога Стојанче ќе се јавеше дека сака да ја земе Катја, Ивана седеше пред зграда во грч, во страв, кога ќе ја врати и дали ќе ја врати. Во ЦСР Скопје праша дали мора да ја дава на Стојанче или има термин. Ѝ рекоа дека „не, додека судски не се реши разводот“. Еден ден кога ја зема Катја, Катја ни се обрати со зборовите – „знаеш дека тато има друга жена, и едно машко мало дете со нас во кола“. Жената што била со нив, јадела нешто во кола, сронила од храната во колата. Катја рече – „а тато не ѝ рече ништо, а ние да бевме мамо, нас ќе не избркаше од кола“. Кога Ивана доаѓаше со тротинет, не ѝ дозволуваше да го стави назад во гепек. Не ѝ даваше да го стави тротинетот во гепек, туку Ивана возеше по автомобилот, следејќи ја колата со тротинетот. Да не го извалка гепекот, додаде Стојановска.


