Фото: Принтскрин

ВИДЕО | Немири во Британија по убиството на студент, демонстрантите тргнаа кон куќата на убиецот

Стотици луѓе синоќа се собраа во Саутемптон, Велика Британија, во знак на протест поради убиството на Хенри Новак, а судирите со полицијата избувнаа во близина на домот на неговиот убиец, Викрум Дигве. Немирите се случија и покрај апелот од семејството на убиениот млад човек неговата смрт да не се користи за поттикнување поделби, објавува „Гардијан“.

Протестот „Правда за Хенри Новак“ започна пред Централната полициска станица во Саутемптон, а меѓу говорниците беше и крајнодесничарскиот активист Томи Робинсон. Демонстрантите извикуваа слогани како „Расистичка полиција, тргнете се од нашите улици“ и „Срам да ви е“. Носеа знамиња со ликот на Јунион Џек и рачно изработени транспаренти со пораките „Крвта на Хенри е на вашите раце“ и „Спасете ги нашите деца“.

Потоа неколку стотици луѓе маршираа кон областа каде што се случи убиството. Тие беа запрени од полициски кордон додека се обидуваа да влезат на улицата каде што живее семејството на убиецот Дигве. Некои од демонстрантите потоа почнаа да фрлаат шишиња, лименки пиво и канти кон полицијата.

Додека полициски хеликоптер леташе над областа, врз полицијата беа фрлани и камења, кои одговорија со штитови за да ја растераат толпата. Демонстрантите беа видени и како фрлаат стаклени шишиња кон полициските возила во близина на полициската станица во Портсвуд.

Томи Робинсон, чие вистинско име е Стивен Јаксли-Ленон, ја обвини полицијата во Хемпшир за институционален расизам.

„Доколку Хенри не беше бел, немаше да му стават лисици“, рече тој, коментирајќи ја оставката на еден од полицајците вклучени во инцидентот и порача: „Го сакаме во затвор“.

„Слушам некои луѓе како велат дека тука не се работи за расата, но тоа е работата. Тој [Дигви] не бил врзан со лисици дури ни кога откриле дека го избодел пет пати. Бело момче кое не направило ништо било врзано со лисици, убиец со нож кој избодел некого пет пати не бил врзан. Како бели луѓе, нашата влада се однесува кон нас како кон граѓани од втор ред. Бела привилегија? Дали Хенри изгледаше како да има бела привилегија кога лежеше на подот?“, рече Робинсон.

Ник Тенкони, лидер на Партијата за независност на Велика Британија, ја предводеше молитвата за Новак, додека толпата скандираше „Хенри, Хенри“.

„Полицајците кои му ставија лисици мислеа дека е поважно да го гонат отколку да го спасат, а тоа е затоа што беше бел“, рече Тенкони, додавајќи: „Тука сум да се борам за крај на ‘воук’ полицијата“.

Откако Дигва беше осуден на затвор, таткото на Новак, Марк, го осуди „нехуманиот и понижувачки“ третман на неговиот син од страна на полицијата, но исто така упати апел.

„Не сакаме неговата смрт да се искористи за создавање поголема поделба, омраза или тензии. Сакаме неговата приказна да помогне нашите улици да бидат побезбедни за сите“, рече тој.

За време на протестот, десетици полицајци кои го обезбедуваа собирот ги скандираа последните зборови на Новак: „Не можам да дишам“. Актерот и десничарски коментатор Лоренс Фокс, кој исто така беше на протестот, процени дека се собрале 4.000 луѓе, додека други ја проценуваат бројката на околу 1.000.

„Тука сум за Хенри. Го видов видеото на интернет како му ставаат лисици и го влечат по подот откако е избоден. Сакам полицијата да биде одговорна. Не сакаме проблеми, но емоциите се силни“, рече Џејми Смит од Саутемптон.

Роне Кристијан додаде:

„Јас сум со семејството на Хенри. Не можам да замислам вакво нешто да му се случи на мојот син. Мислам дека состојбата во земјата не е добра и се прашувам како која било влада може да ја поправи.“

Министерката за внатрешни работи Шабана Махмуд ги осуди немирите.

„Сцените што ги гледаме вечерва во Портсвуд се целосно неприфатливи. Семејството Новак вчера упати силен апел до сите нас смртта на Хенри да не се користи за создавање понатамошни поделби, омраза или тензии. Нема оправдување оваа трагедија да се злоупотреби за поттикнување насилство и нереди. Одговорните можат да очекуваат да се соочат со полната сила на законот“, рече министерката.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот