ВИДЕО: Марадона го постигна најконтроверзниот гол во историјата на фудбалот „Божјата рака“

фото: твитер

Во четвртфиналето на СП во Мексико, Аргентина со 2:1 ја совлада Англија, а во главната, во споредната и во останатите улоги беше токму Диего Армандо Марадона.

Легендарниот Диего Армандо Марадона кој денеска на 60-годишна возраст почина е авторот на најконтроверзниот гол во историјата на фудбалот. Освен што Марадона го постигна голот на 20. век, фудбалскиот волшебник на истиот натпревар од СП 1986 година во Мексико, против Англија го постигна и најконтроверзниот гол во историјата на фудбалот, „Божјата рака“.

Тоа беше натпревар чие значење сè уште не бледнее и е една од главните теми во разговорите за фудбалската историја.

Но, тој дуел имаше и предигра која се одигра четири години претходно. Имено на 2 април 1982 година, Аргентина и Велика Британија влегоа во војна откако аргентинската војска влезе на Фокландските острови кои ги сметаше за свои иако беа под британска јурисдикција. Војната траеше само 14 дена, и заврши со повлекување на аргентинските воени сили.

Натпреварот на легендарниот стадион „Ацтека“ во Мексико Сити 1986 година беше првиот меѓусебен дуел од војната.

Фудбалскиот свет се простува од големиот Диего, меѓу нив и Пеле: Еден ден заедно ќе ја шутираме топката горе на небото

И двете репрезентации на Мундијалот дојдоа со по една титула светски шампион, освоена кога тие ги организираа Мундијалите. И Аргентина и Англија беа најдбори во квалификациите и поради тоа фокусот на двете репрезентации беше на титулата.

На СП во Мексико, Аргентина во групата А беше  прва поради победите над Јужна Кореја (3:1) и Бугарија (2:0), додека со Италија одигра без победник 1:1. Англија пајк во Групата Ф, освои три бодови, еден помалку од победникот во групата, Мароко. Тие на стартот загубија од Мароко (0:1), потоа одиграа без голови против Португалија, а пласманот во нокаут фазата ја обезбедија со победата над Полска од 3:0 и тоа благодарение на хет-трикот на Гери Линекер.

Токму Линекер е најзаслужен и за пласманот во четвртфиналето бидејќи во осминафиналната пресметка со Парагвај постигна два гола во победата од 3:0. Аргентина од друга страна, со голот на Паскули оствари минимален триумф над Уругвај.

Следна дестинација за двете репрезентации беше стадионот „Ацтека“ и 114.580 гледачи кои на 22 јуни 1986 година дојдоа да го следат легендарниот дуел помеѓу Англија и Аргентина.

ФОТО: Си замина еден од најголемите на сите времиња: Ова се познати, но и непознати детали од животот на Диего Марадона

Пред натпреварот му претходеа големи тепачки помеѓу навивачите на двете репрезентации низ улиците на Мексико сити, а неколку стотини навивачи завршија во болница.

Натпреварот кој сите со нетрпение го очекуваа во првото полувреме помина без голови, но затоа вторите 45 минути се најпознатите и најозборуваните во историјата на фудбалот.

Во второто полувреме блесна Диего Марадона кој ги даде двата најпознати голови во историјата на СП и на фудбалот воопшто. Првиот го постигна во 51. минута и е познат како “Божјата рака“. Марадона му ја додаде топката на Хорхе Валдано кој ја уфрли во шеснаесетникот на англичаните каде Стив Хоџ во желбата топката да ја исфрли што подалеку од голот, ја прати во срцето на казнетиот простор. На неа тргнаа Марадона и голманот Питер Шилтон. Бидејќи беше понизок 20 сантиметри од голманот, Марадона ја удри топката со рака и ја смести во голот. Залудни беа протестите на англичаните, судијата Али Бин Насер од Тунис го призна голот.

– Чекав играчите да ме прегрнат, но тие тоа не го сторија. Потоа гласно им кажав што да прават бидејќи судијата нема да го признае голот – изјави Марадона кој на пресконференцијата по натпреварот рече дека голот е постигнат со помош на неговата глава и „Божјата рака“.

Само четири минути подоцна, Марадона го постигна еден од најубавите голови воопшто. Тој ја прими топката во својата половина и успеа да ги издрибла Питер Бердсли, Питер Рид, Тери Фенвик и на два пати Тери Бучер, за на крајот на „менито“ да биде и голманот Шилтон.

– Прво сакав топката да ја дадам на Валдано,но кога ја поминав противничката половина, ме опкружија противници и немав простор, единствено што ми преостана беше сам да ја завршам акцијата – рече Марадона.

Токму тој гол во 2002 година е прогласен за гол на векот.

Англија на девет минути до крајот преку Линекер успеа да намали но тоа беше недоволно за пресврт. Англичаните си заминаа дома, додека Аргентина на крајот ја освои шампионската титула откако, прво во полуфиналето ја победи Белгија со 2:0, а во финалето слабеше со 3:2 над тогашна Западна Германија.

Победата над Англија за сите аргентинци беше освета за поразот во војната за Фокландските острови.
– Победата над Англија во 1986 година ни е доволна. Триумфот на СП е второ по важност – изјави Роберто Перфум, аргентински репрезентативец

Пороците кои го уништија Марадона: Не можеше без кокаин, а пред него клечеа кумовите на мафијата

Меси тагува по смртта на Марадона: Диего е вечен, не остави, но не си заминува

Роналдо се прости од Марадона: Никој нема да ја пополни празината која ја остави Диего

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот