ВИДЕО: Македонија го совлада Азербејџан во Баку и е блиску до пласман на ЕП 2024
Денеска во петтото коло од квалификациите за пласман на Европското првенство 2024 најдобрата македонска женска ракометна репрезентација на гости во Баку го совлада Азербејџан со убедливи 37:22.
Препорачано
После првото полувреме избраничките на селекторот Кристијан Грчевски имаа седум голови позитива од 19:12.
Најефикасна во нашата селекција беше Саздовска со седум голови, шест запиша Ристовска, пет Коларовска, а по четири Гакидова и Младеновска.
На спротивната страна најрасположена беше Бајрамова со седум погодоци, пет имаше Хасанова.
Со овој триумф Македонија е блиску до пласман на континенталниот шампионат, а тоа денеска може да добие потврда доколку Шпанија која е веќе на ЕП од 18.00 часот триумфира или одигра реми во Вилнус против Литванија.
Моментно на табелата во квалификациската група „5“ Шпанија е првопласирана со осум бодови, шест има Македонија, а по два Литванија и Азербејџан.
Нашите најдобри ракометарки овој квалификациски циклус ќе го завршат в недела на 7 април во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје против Литванија (18.00 часот), а влезот за јавноста е слободен.


