Мајкл Дамески и Лејди Гага / Фото: Инстаграм/Мајкл Дамески/Скриншот/Јутјуб

ВИДЕО | Македонецот Мајкл Дамески за соработката со Лејди Гага: „Целиот живот чекав ваква можност“

Австралискиот танчар со македонско потекло Мајкл Дамески беше гостин во утринската емисија „Тудеј шоу“, каде што зборуваше за својата соработка со американската музичка ѕвезда Лејди Гага.

Дамески (29), чие семејство потекнува од Прилеп, годинава ја доби главната машка улога во новиот видеоспот на Лејди Гага за песната „Abracadabra“, а во „Тудеј шоу“ откри дека патот до оваа соработка бил нетипичен, но искрен и храбар.

„Искрено, веќе имав работено со нејзиниот кореограф. Имав малку потивка година и решив едноставно да ѝ испратам директна порака на Инстаграм. Ѝ напишав дека би сакал можност да работам со Лејди Гага. Две недели подоцна добив мејл во кој ме прашаа дали сум слободен за видеото ‘Abracadabra’“, раскажа Дамески.

На прашањето дали имало класична аудиција, тој одговори јасно: „Немаше аудиција. Само ја побарав можноста – и таа се оствари.“

Танчарот емотивно зборуваше и за првата средба и заедничкиот танц со светската ѕвезда.

„Никогаш нема да го заборавам моментот кога првпат влегов во просторијата со неа. Тоа ни беше и првпат да танцуваме заедно. Веднаш се поврзавме и си реков: ‘Целиот живот чекав ваква можност’.“

За професионализмот на Лејди Гага, Дамески имаше само пофални зборови.

„Таа е неверојатна – танцува, пее, свири инструменти. Кога таа на сцена дава 100 проценти, и ние даваме 100 проценти. Затоа е толку инспиративно да се работи со неа“, истакна тој.

Мајкл Дамески, роден во Сиднеј, претходно ја сподели возбудливата вест и на Инстаграм, каде објави фотографија со Лејди Гага и напиша: „Кога сонот ќе стане реалност“.

Ова не е првпат македонскиот танчер да се најде во фокусот на светската јавност. Во 2018 година тој настапи во популарното шоу „World of Dance“, каде што заврши на второто место и ја воодушеви Џенифер Лопез, иако многумина го сметаа за фаворит за победа. Тогаш својата кореографија на песната „Lay Me Down“ од Сем Смит им ја посвети на своите баба и дедо од Македонија, истакнувајќи дека токму тие се причината поради која е тоа што е денес.

ФОТО+ВИДЕО | Вистинска гордост: Македонец ја доби главната улога во новиот спот на Лејди Гага

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот