ВИДЕО l Бајден се соочува со виетнамско сценарио: Кабул наликува на Сајгон, хеликоптери евакуираат лица од крововите на странските претставништва

Кабул фото Твитер

САД започнаа со евакуација на својот дипломатски персонал од амбасадата во авганистанскиот главен град Кабул бидејќи Талибанците започнаа со навлегување во престолнината.

Кабул изминатите денови се сметаше за неосвоена тврдина но сега талибаснките сили еуфорично објавуваат дека „го контролираат целиот Авганистан“.

– Засега имаме помал број луѓе што заминуваат, а повеќето од персоналот се подготвени да заминат. Сепак, амбасадата продолжува да функционира, изјави американски службеник кој не сакаше да го открие својот идентитет, пренесува Ројтерс.

Евакуацијата на повеќето дипломати се очекува да започне во текот на денот бидејќи талибанските сили продолжуваат со брз воен напредок кон Кабул, во чии предградија веќе навлегоа.

Амбасадата на САД вчера го извести својот персонал дека располага со спецјални места за спалување во кои можат да уништат чувствителни материјали, без разлика дали се во хартиена или електронска форма. Се чини дека ова „го намалува количеството чувствителен материјал“ во зградата на амбасадата, според упатствата во кои Ројтерс имаше увид.

Неименуван претставник на НАТО рече дека неколку претставници на ЕУ се префрлени на безбедна локација во Кабул.

Си -Ен -Ен објави дека персоналот од амбасадата во Кабул ќе биде евакуиран во следните 72 часа

Сѐ потсетува на Виетнам

Во меѓувреме, американскиот претседател Бајден, ги предупреди бунтовниците дека секоја акција што ги ризикува животите на американскиот персонал ќе биде проследена со брз и силен воен одговор.

Во изјавата по разговорите со американските претставници за национална безбедност, Бајден претходно информираше дека испратил 5000 војници во Авганистан за да овозможат безбедно повлекување на американскиот персонал и на Авганистанците кои им помагале на САД за време на мисијата, како луѓе на „посебен ризик од Талибанците“.

Иако Бајден ги отфрли наводите дека се случува повторување на виетнамскиот дебакл, кога Американците беа евакуирани од покривот на амбасадата со хеликоптер во Сајгон, актуелната состојба во Кабул се повеќе наликува на виетнамското сценарио од седумдесетите години на минатиот век.

– Нема шанси да видите ситуација поради која луѓето би биле евакуирани со хеликоптери од покривите на амбасадата во Кабул. Талибанците не се армијата на Северен Виетнам. Тие дури и не можат да се споредат во однос на способностите, рече Бајден во јули и ја отфрли паралелата помеѓу Кабул и Сајгон.

Но, само еден месец подоцна, реалноста го демантираше Бајден. За неколку недели, авганистанската армија се распадна пред блиц-криг офанзивата на Талибанците, на општо изненадување на светот, кој е во дилема – дали Американците воопшто ги обучиле владините сили сами да се справат со заканата од Талибанците во последните 20 години?

Утрово светските медиуми потврдија дека талибанските бунтовнички сили го освоиле и градот Џaлалабад во западниот дел на Авганистан покрај реката Кабул, кој е и административен центар на провинцијата Нангархар и е еден од клучните центри за транспорт и трговија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот