ВИДЕО | Кукли претставени како „вонземјани“ пред мексиканските конгресмени

Хаиме Маусан разговара со сведоци пред изложените „мумии“ - Фотографија Profimedia

И пред шест години новинарот Маусан претставил мумии на „вонземјани“ во Перу, но истрага на тамошното обвинителство утврди дека тоа се „неодамна изработени кукли, прекриени со мешавина од хартија и синтетичко лепило како симулација на исушена кожа“

Мексиканската јавност се „запали“, конгресмените мудро молчат, а научниците ги отфрлаат „доказите“ за вонземјани претставени пред националниот Конгрес во Мексико Сити.

На првата седница посветена на неидентификувани појави во мексиканскиот Конгрес, новинарот Хозе Хаиме Маусан претстави две кутии со човеколики скелети, за кои тврди дека се мумии пронајдени во Перу. Новинарот пред мексиканските конгресмени изјави дека тоа се мумифицирани суштества што потекнуваат од други светови.

– Не сме сами! Ова е кралицата на сите докази. Ако ДНК покажува дека тие се нечовечки суштества и дека на светот нема ништо слично, треба да ги сметаме за такви – сведочеше Маусан, но се воздржа претставените скелети да ги нарече вонземјани.

Под заклетва сведочел и Хозе де Хезус Заке Бенитез, директор на Научниот институт за здравје на мексиканската Морнарица, кој рекол дека анализа на ДНК, рентгенски снимки и тридимензионална реконструкција потврдиле дека „овие тела немаат никаква врска со човечки суштества“.

Исушената глава на наводниот вонземјанин навистина не прилега на човечка – Фотографија Profimedia

Наовинарот објасни дека скаменетите тела биле пронајдени во 2017 година длабоко под земја во перуанската пустина Назка, која е позната низ светот поради огромните цртежи на површината, видливи само кога се надлетуваат на голема височина. Уште тогаш Маусан ги претставил мумиите во Перу, но истрага на тамошното обвинителство утврди дека тоа се „неодамна изработени кукли, прекриени со мешавина од хартија и синтетичко лепило како симулација на исушена кожа“. Во извештајот беше констатирано дека куклите се „речиси сигурно изработени од луѓе, а не се остатоци од древни вонземјани, како што биле претставени“.

Не е јасно дали шест години подоцна пред мексиканските конгресмени биле прикажани истите кукли, но научниците се убедени дека тоа е измама од големи размери.

– Фигурите немаат смисла. Новинарот лажно тврди дека нашиот универзитет го потврдил нивното пронаоѓање и не е неопходно рентгенско скенирање за да се утврди дали наводните калцифицирани тела се вонземни – изјави Хулиета Фиеро, истражувач од Институтот за астрономија на Националниот автономен Универзитет на Мексико.

Таа воопшто не му верува ни на новинарот.

– Маусан направил многу работи. Тој вели дека разговарал со Богородица од Гвадалупе. Ми кажа дека вонземјаните не ми се обраќаат мене како што му се обраќаат нему зашто не верувам во нив – изјави Фиеро.

Други лица што го следеле претставувањето забележуваат дека не е логично да не бил поканет амбасадорот на Перу на „епохалниот настан за цивилизацијата“.

Скршен прст на една од мумиите – Фотографија Profimedia

Конгресменот Серхио Гутерез Луна од владејачката партоија Морена, сепак, изјави дека „Конгресот не зазел став за тезите што им биле изложени на тричасовното претставување“. Тој додаде дека секој пратеник може да им верува или да не им верува на тврдењата на сведоците, кои се заколнале дека ја зборуваат вистината.

– Важно е да се сослушаат сите гласови и сите мислења. Позитивно е тоа што се води транспарентен дијалог за прашањето на вонземјаните – изјави Гутерез Луна.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот