ВИДЕО | Кралот Чарлс со емотивна порака за својата мајка, кралицата Елизабета на нејзиниот стогодишен јубилеј
Кралот Чарлс III објави лично видео-обраќање во кое се присети на животот исполнет со јавна служба на својата „драга мајка“ (darling Mama), покојната Елизабета II, по повод стогодишнината од нејзиното раѓање, пишува „Би-би-си“.
Препорачано
Во пораката, снимена во Балморал претходно овој месец, кралот посочи дека неговата мајка веројатно не би била задоволна од состојбата во денешниот свет. Тој нагласи дека многу од она што се случува денес, без разлика дали на домашен или на меѓународен план, би ја вознемирило, иако не наведе конкретни примери.
На денот кога се одбележуваат сто години од раѓањето на најдолговечниот британски монарх, ќе биде претставен и конечниот изглед на бронзената статуа посветена на кралицата. Делото е изработено од скулпторот Мартин Џенингс и ја прикажува кралицата во нејзините помлади години, облечена во свечената облека на Редот на Гартер. Статуата ќе биде висока три метри и ќе стои на постамент висок околу три и пол метри во Паркот Сент Џејмс. Нејзиниот изглед е инспириран од портретот од 1955 година, дело на Пјетро Анигони.
Кралицата Елизабета II е родена на 21 април 1926 година во куќа на улицата Брутон во лондонската населба Мејфер. Претседателот на меморијалниот комитет, Лорд Јанврин, објасни дека со оваа статуа сакале да ја истакнат нејзината јавна улога и нејзиното силно чувство за должност. Тој додаде дека доколку била прикажана на коњ, како што првично било разгледувано, тоа повеќе би ја претставило нејзината лична страст отколку нејзината служба.
Во своето обраќање, кралот истакна дека неговата мајка живеела во време на големи промени, но и покрај тоа останала постојана, стабилна и целосно посветена на луѓето на кои им служела.
Меморијалниот проект во паркот, дизајниран од тим предводен од архитектот Норман Фостер, ќе вклучува и биста од кралицата во нејзините подоцнежни години, како и бронзена статуа на Принц Филип. Планирана е и обнова на мостот во паркот, со стаклена ограда што ќе потсетува на кралска тијара. Се очекува проектот да биде завршен за околу две години.
Покрај физичките споменици, ќе биде создаден и дигитален дел од меморијалот — интернет-страница на која граѓаните ќе можат да споделуваат сопствени спомени за кралицата. Таа ќе содржи историска архива, како и дигитализирана верзија на „дворскиот билтен“, кој ги бележи службените активности на кралското семејство.
Планирана е и национална програма преку новоформирана фондација на кралицата Елизабета, која ќе поддржува локални проекти со цел зајакнување на заедниците.
Кралот Чарлс III, кој следната недела треба да замине во државна посета кај претседателот на САД, Доналд Трамп, зборуваше и за наследството на својата мајка, нагласувајќи ја нејзината вера дека добрината на крајот ќе надвладее и дека подобро утре е секогаш можно.
Тој повика иднината да биде изградена врз мир, правда, просперитет и безбедност. Воедно, се присети дека многумина ја паметат кралицата по кратки лични средби, по нејзината насмевка и љубезност, како и по познатиот момент кога сподели „сендвич со мармалад“ со Падингтон Мечето во последните месеци од нејзиниот живот.


