ВИДЕО | Иран ја активира својата нова ракета „Хорамшахр-4“ со дострел од 2.000 км – најави и нов подземен „град“
Во извештајот на иранската новинска агенција „Фарс“ се наведува дека Иран истовремено воспоставува нов подземен „ракетен град“ во рамките на вселенската команда на Исламската револуционерна гарда, како дел од поширока промена на воената поставеност по 12-дневниот конфликт со Израел минатиот јуни.
Иран првпат ја смести својата најнова балистичка ракета со среден дострел, „Хорамшахр-4“, во подземен објект, објави во четвртокот иранската новинска агенција „Фарс“, додека Техеран се подготвува за чувствителни нуклеарни разговори со САД во Оман, во услови на растечки регионални тензии.
Препорачано
Според објавата на „Фарс“, пренесена од „Дејли сабах“, ракетата, опишана како најнапредна на Иран, има дострел од 2.000 километри и носи товар поголем од еден тон. Во извештајот се наведува дека Иран истовремено воспоставува нов подземен „ракетен град“ во рамките на вселенската команда на Исламската револуционерна гарда, како дел од поширока промена на воената поставеност по 12-дневниот конфликт со Израел минатиот јуни.
Техеран претходно соопшти дека се откажува од исклучиво одбранбена доктрина и преминува кон политика што дозволува превентивни дејствија, што укажува дека новата ракета е наменета да ги зајакне и офанзивните и одвраќачките капацитети.
САД подолго време го повикуваат Иран да ја ограничи својата балистичка програма, која вклучува повеќе системи способни да стигнат до Израел и до американските бази во Персискиот Залив.
Паралелно со засилените воени сигнали, иранското Министерство за надворешни работи соопшти дека останува посветено на дипломатијата. Портпаролот Исмаил Багаеи го повика Вашингтон „одговорно и сериозно“ да пристапи кон разговорите в петок во Мускат, нагласувајќи дека Иран бара „праведен и достоинствен“ договор ограничен исклучиво на нуклеарното прашање.
Министерот за надворешни работи, Абас Арагчи, отпатува за Оман на чело на иранската делегација.
Американскиот претседател Доналд Трамп не ја исклучи можноста за воени опции додека САД ги засилуваат силите во регионот, а регионалните влади предупредуваат дека секоја конфронтација би можела да ескалира во поширок конфликт.


