Америка ги отфрли барањата на Иран, расте ризикот од војна
Соединетите Американски Држави ги отфрлија барањата на Иран за промена на локацијата и форматот на разговорите закажани за петок, потег што би можел дополнително да ги загрози дипломатските напори и да го натера американскиот претседател Доналд Трамп да продолжи со воената опција, објави Axios.
Препорачано
Информацијата ја потврдиле двајца американски претставници, наведувајќи дека Вашингтон останува на првично договорените услови за преговори.
Според договорот, разговорите меѓу САД и Иран требаше да се одржат во петок во Истанбул, со учество на други земји од Блискиот Исток како набљудувачи. Меѓутоа, иранската страна побара средбата да се премести во Оман и да се одржи исклучиво билатерално.
Иран, според изворите, сакал разговорите да се ограничат само на нуклеарната програма, без отворање теми како ракетниот развој и регионалната безбедност, кои се клучни за Вашингтон и неговите сојузници.
Американските власти го разгледале барањето, но одлучиле да го одбијат.
„Им рековме дека или ќе се одржат разговорите според договорениот формат, или воопшто нема да има разговори. Тие одговорија: Тогаш ништо“, изјавил висок американски функционер.
Сепак, истиот извор нагласил дека вратата за дипломатија останува отворена доколку Иран се согласи да се врати на првичните услови.
„Подготвени сме за средба оваа или следната недела, но само во договорениот формат. Во спротивно, ќе се разгледуваат други опции“, рече тој, алудирајќи на можноста за воена акција.
Во меѓувреме, специјалниот пратеник на Белата куќа Стив Виткоф и зетот и советник на Трамп, Џаред Кушнер во четврток ќе отпатуваат во Катар на разговори за Иран со премиерот на земјата. Според сегашните планови, тие потоа ќе се вратат во Мајами, наместо да продолжат кон средба со иранската делегација.


