ВИДЕО ИНТЕРВЈУ Милчо Манчевски: Македонскиот филм е најдобар амбасадор на Македонија, извозот е исклучително успешен

Милчо Манчевски во студиото на „Слободна ТВ“ / фото: Слободен печат

Македонскиот филм е нашиот најдобар амбасадор, вели познатиот и наградуван македонски режисер Милчо Манчевски во ексклузивното интервју за „Слободна ТВ“, непосредно пред да замине за Јапонија на светската премиера на неговиот најнов долгометражен игран филм „Кајмак“, кој се бори за награда во конкуренција од 15 странски и јапонски филмови на престижниот Филмски фестивал од А категорија во Токио.

Манчевски во интервјуто говори за тоа како се снимаше филмот на големи горештини среде ковид пандемијата летото 2021 година, за актерската екипа, како и за тоа како ги создава сценаријата за филмовите со кои го освојува светот.

Неговите филмови „Пред дождот“ и „Прашина“ своевремено беа одлично примени од публиката на Далечниот Исток.

-Немам трема пред јапонската публика. И одамна сум немал. Веројатно тоа е прашање на навика, на фокус, на професионален тренинг. Сфатив дека отсекогаш ми било најважно  делото. Се што е периферно, како црвени килими, коктели, гламури, реакции…, се е тоа помалку важно од самото дело, и штом не е важно, тогаш зошто да имаш трема, вели Манчевски.

Во Токио сепак ќе биде присутен на премиерата на 26 октомври, како и на проекцијата на 29 октомври, кога се предвидени и разговори со публиката.

– Ова ќе биде светска премиера на „Кајмак“ и убаво е што ќе биде токму во Токио. Тоа е огромен фестивал од А категорија. Важен фестивал, со интересeн вкус во изборот. Мислам дека тие не патат повеќе од идеологија, како што патат европските и американските фестивали, туку се фокусираат на филм, на добар и лош филм. „Кајмак“ ќе има три проекции, двете се веќе распродадени, веројатно и третата деновиве, потоа се враќам во Скопје, освен, ако не одам во Тајван каде сме поканети на Golden Horse фестивалот, вели Манчевски.

На фестивалот во Токио, Манчевски ќе одржи и мастерклас за студенти и публика. Како и да е, режисерот потенцира дека мастеркласот ќе го води по вообичаениот терк, повеќе како разговор отколку како предавање затоа што, вели „сакам на луѓето да им дадам информации за она што навистина ги интересира“.

Манчевски е еден од ретките режисери, кој контактира со фановите кои се интересираат за неговите филмови и му нудат свои дела и низ одговорот на ова прашање открива како ги создава сценаријата, кои потоа ги преточува во филмови, кои низ годините нижат големи успеси и се сметаат за врвен дострел во кинематографијата.

-Често добивам писма кадешто луѓе нудат нивни текстови, раскази, романи или вистински случувања, но јас никогаш не работам по туѓи текстови. И не знам како се работи по туѓи текстови и тоа не е проценка на вредноста на тој текст. Може да биде феноменален. Мене на времето ми ја понудија книгата „Свила“ на Алесандро Барико и некои други книги. Мислам дека е добро луѓето да знаат дека тоа не е одбивање зошто не чини, туку зошто не е мој начин на работа. И плус никогаш не работам филмови по вистински настани и вистински луѓе. Имам етички проблем. Мислам дека немам право да интерпретирам нешто што се случило, а јас не сум бил таму. Колку и да го подготвувам, колку и да го истражувам јас не сум бил дел од тој настан и во кожата на тој човек и не можам и не сакам да зборувам нешто што ќе биде 60 проценти, 80 или 15 проценти вистина. Тоа им го оставам на историчарите и на новинарите, вели Манчевски.

Инсерт од филмот „Кајмак“/ Фото: Маја Аргакијева

Сценариото за „Кајмак“ не наликува на љубовните холивудски лимонади, вели тој за Слободна ТВ и објаснува како настанала оваа скопска приказна, која може универзално да се случува и на кое било друго место на светот.

-„Кајмак“ е современа црна комедија. На неколку нивоа носи во себе една доза безобразлук што во уметноста е често потребно. Луѓе што го видоа, велат дека е критика на малограѓанскиот морал, иако јас не тргнав од агендата тоа да биде темата, туку тргнав од раскажување на приказна за одредени ликови, кои ми беа многу драги. Тргнав со намера да правам љубовен филм за возрасни, не како холивудските лимонади кадешто се` е наивно, туку, токму онака за возрасни, каде што работите се комплицирани, каде што и очекувањата и надежите и разочарувањата се посложени. Овде станува збор за две или повеќе љубовни приказни испреплетени во еден филм, вели Манчевски кој го потпишува и сценариото за „Кајмак“.

„Кајмак“ обработува неколку актуелни теми, како трговија со луѓе, сурогат мајчинство, неверство и сексуално ослободување. Мајчинството како тема, Манчевски ја допира во повеќето свои филмови, па за тоа вели:

-Не е намерно, дури сега откако направив 2 или 3 филмови, каде тоа е централна тема, и откако луѓе почнаа да ме прашуваат сфатив дека тоа е факт. Една од централните теми за кои зборувам, иако никогаш не сум тргнал со намера тоа да биде централна тема, затоа што не работам по агенда, по порака, туку работам по атмосфера и по раскажување на приказна, ама во секој случај забелешката е вистина. Веројатно причина за тоа е што мајчинството или родителството е една од најголемите универзални теми. Во моите филмови колку тие и да тргнуваат од едно локално милје на крајот се универзални и треба да комуницираат со гледачот каде било, дали во Јапонија, или во Бразил, или во Италија, тие треба да се најдат во него, нагласува Манчевски.

Манчевски со актерската екипа од „Кајмак“/ Фото: Маја Аргакијева

Во „Кајмак“ носители на главните улоги се шестмина актери: Александар Микиќ, Камка Тоциновски, Ана Стојановска, Сара Климоска, Филип Трајковиќ и Симона Спировска. Манчевски ја пофали актерската екипа како исклучително талентирана.

-Снимањето течеше феноменално. Кај нас премиерата ќе биде во средината на ноември и планираме премиерата да биде во цела држава со главната свеченост во Скопје. Глумците, а и целата екипа предводени од продуцентот Јане Ќортошев феноменално завршија работа. Ние имаме екипа, а особено глумци кои се на светско ниво. Сега прашање е во какви проекти тие работат, како се водени тие проекти, дали тие добиваат, некои да некои не, доволно експонирање во светот и дали доволно луѓе ќе ги видат. Ние имаме феноменални глумци. На кастингот работеше Милка Анчевска, како и секогаш, и имавме долг процес, кадешто тргнавме од страшно голем број кандидати и го намалувавме, за на крајот да ги најдеме луѓето кои се вистинските. Некои од нив се искусни глумци, со некои сум работел порано, со некои за првпат работам, на пример со Симона и со Филип, и тие феноменално одработија и за мене беа откритие. Талентот кај глумците кои ги одбравме оди заедно со занаетот и тоа е еден комплетен пакет и тие прво ги сакаат ликовите кои ги играат, второ страшно многу добро ги познаваат и тоа е многу важно, а не е секогаш случај. Влегуваат во ликовите и градат еден ensemble piece во кој има шест главни улоги. Сума сумарум многу сум задоволен и од тој аспект на работата и од остатокот, вели Манчевски.

Манчевски е и сценарист на филмот „Кајмак“/Фото: Слободен печат/Драган Митрески

На прашањето дали македонскиот филм е еден од највпечатливите репрезенти на македонската култура во светот Манчевски одговори потврдно.

-Факт е дека македонскиот филм во моментов е најдобар амбасадор на Македонија, не само од другите уметности, нека ми простат колегите, туку и од целата општествена дејност, како извоз – филмот од Македонија се покажува како исклучително успешен. Нема големи и мали кинематографии, има големи и мали филмови. И тука не е ни важно колкава е земјата. Една мала Данска, Шведска, или Хонг Конг прават феноменални филмови, вели Милчо Манчевски во ексклузивното интервју за Слободна ТВ пред тргнувањето за Токио.

По светската премиера на „Кајмак“ во Токио, кон средината на ноември филмот ќе има синхронизирана проекција во кино салите низ Македонија. Со оглед на тоа што „Кајмак“ отсега го почнува својот фестивалски живот, пошироката публика филмот на Македонската телевизија ќе може да го гледа кон крајот на идната година. Неговиот претходник „Врба“ се уште носи награди и се прикажува на филмските фестивали, а Манчевски веќе го подготвува третиот дел „Биста“од замислената трилогија.

Целото интервју со Милчо Манчевски погледнете го во видеото:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот