ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Игор Џамбазов: Сите сакаат да се над сите, секој сака да е над секого

Игор Џамбазов /Слободен печат

Постојат вмровски режисери, сдсмовски глумци, ДУИ продуценти и така натаму. Глумецот треба да биде само од една, од уметничка провиниенција, од ниту една друга, вели Џамбазов.

Себичност, алчност, во модерно време тоа се вика еготрип, да се биде важен. Сите сакаат да се над сите, секој сака да е над секого, човекот ќе изгние во затвор а тој се уште вели дека е невин. Таа желба, таа потреба да се победи подобриот на нечесен начин, тоа е тоа што ја уништува и уметноста кај нас, вели во интервјуто за „Слободна ТВ“ Игор Џамбазов, уметник, глумец, писател, шоумен…

На оваа слика за „менталната состојба во државата“ ја додава партиската поделеност помеѓу уметниците, борбата за пари…

– Постојат вмровски режисери, сдсмовски глумци, ДУИ продуценти и така натаму. Тажно е што воопшто правиме муабет на оваа тема. Зарем треба да се појави глумец на сцена за да кажеме дека е од таа и таа провиниенција. Глумецот треба да биде само од една, од уметничка провиниенција, од ниту една друга. Сите муабети во оваа земја почнуваат и завршуваат за пари. Јас цел живот не сум имал однос кон парите, Уметник сум, пред се и затоа можеби не ги разбирам парите и затоа можеби изгубив толку пари. Но, еве сега, на овие години почнувам да ги ценам. Почнувам да сфаќам колку вредам и притоа се борам и моите колеги да добијат таков третман. Дедо ми Петре (Прличко) велеше дека глумците во негово време имале плата колку што имале министрите, а кога тој одеше во пензија, имаше колку шоферите – вели Џамбазов.

Според него, свесноста, чувството за другите, е едно од највредните…

Игор Џамбазов /Слободен печат

– Не сме свесни колку понекогаш ги повредуваме другите, блиските. Кога тоа ќе го сфатиме тогаш најчесто е веќе доцна. Во животот некогаш ми се случува сите работи да ги правам наеднаш и тоа не секогаш излегува на добро. Сега кога веќе сум созреан како личност и кога се помалку премрежија имам во себе и зад себе, со сопствените обврски справувам многу полесно. Тоа што сакам да го постигнам искажувајќи ја јавно љубовта спрема Илина, не е само да покажам колку ја сакам неа, туку и да им покажам на младите дека не треба да се срамат да изјавуваат љубов. Младиве генерации се плашат да кажуваат убави работи, а притоа четири пати ќе опцујат или ќе „истрачарат“ некого. За жал, нивните емоции како да се емотикони, оние што ги има во телефоните – раскажува Џамбазов.

На прашањето што би направил ако би бил ден-два на власт, вели дека е битно „да се направи попис од врата до врата, да се види и да се утврди кој што има, како го спечалил тоа што го има, од каде му се парите да го спечали тоа, дали има документ за такво нешто…ете тоа да се види“.

Погледнете го целото интервју со Игор Џамбазов:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот