ВИДЕОИНТЕРВЈУ | Грозданоски: Членството на ДПМ е демотивирано и изморено, мора да се избере ново раководство за да се консолидира

Живко Грозданоски, член на Друштвото на писатели / Фото: „Слободен печат“/ Драган Митрески

Откако на почетокот на октомври минатата година осум од девет членови од Претседателството на Друштвото на писателите на Македонија поднесоа оставки, а по нив, барем на Фејсбук и претседателот Христо Петрески, писателите се уште не избраа ново раководство, а во меѓувреме пропаднаа и неколку обиди да се свика вонредно изборно собрание. Книжевната фела случувањата кои го разбрануваа Друштвото на писателите, ги ставија во различни жанрови, од траги-комедија до фарса. Живко Грозданоски, писател и член на ДПМ во гостувањето во емисијата „Слободен печат“ рече дека сето тоа наликува на еден убав роман.

-Мене ми изгледа како сите да сме во еден роман во којшто сите сме ликови, и секој е сложен лик и сите ние одлучуваме како ќе заврши ова приказна која што мпоже само да не заврши, да се тегне до бесконечност или да заврши на еден начин на којшто сите ќе бидеме победници со избирање на ново раководство, вели Грозданоски.

Според него оставките во Претседателството на ДПМ се случиле по еден подолг период на отсуство на комуникација помеѓу целото раководство на ДПМ.

-Според статутот од 2011 година имаше 11 лица коишто ракововодат со Друштвото и постоеше еден недостиг на комуникација кој во извесна мера се должи и од самиот статут кој не пропишува дефинитивно како треба да се работи, отсуството на правилници на работа и на самото претседателство и на другите органи. Коешто е производ на една неколкудецениска ерозија на друштвото доведе до недостиг на комуникација помеѓу членовите, на раководството што кулминираше со давање колективна оставка. Христо Петрески е претседател на ДПМ во оставка, а тоа повлекување и враќање на оставките се случи по еден сериозен притисок од страна на културната и книжевната заедница кај нас, затоа што се направи обид по оставките на 8 од 9 членови да бидат одбрани нови 8 членови коиштои би ги замениле но тоа не беше дозволено и сега нема членови на УО односно на претседателството и тоа што она што треба да избере на престојното изборно собрание, објаснува Грозданоски.

Кон крајот на ноември минатата година пропадна обид за свикување вонредно изборно собрание за избор на ново Претседателство на ДПМ, кое пак помина без кворум.

-Тогаш не се појавија доволно луѓе, немаше кворум. Се случија и некои поврзувања помеѓу автори, поддршка на некои автори, отсуство на поддршка кон други автори. Воопшто се создаде една таква клима што членството не беше доволно мотивирано да се појави, но од друга страна имаше и ажурирање на списокот на членови на ДПМ, кој беше преажуриран. Од 240 членови во 2022 година, сега на списокот имаше 286 членови. Потоа се покажа и дека има и починати лица и лица што не се членови итн. Постои една добра клима кај одреден број автори кои ја сфаќаат важноста од ажурирањето на списокот и од мотивирањето на членството за организирање на едно изборно собрание. Иако треба да се разговара и да се најде заедничко решение што нема да остави никого исклучен од Друштвото на писателите и да се воспостави еден убав нов почеток на функционриањето на Друштвото иако ќе биде предизвик тоа, но мислам дека постојат сериозни можности за нешто добро, вели Грозданоски.

Во меѓувреме додека трае неизвесноста околу изборите во ДПМ во прашање е доведено и функционирањето на Друштвото и тековните активности.

-Вообичаено ќе беше на 13 февруари да се доделуваат наградите на ДПМ, а за да се случи такво нешто требадше да биде распише конкурсот за награди. Во отсуство на УО или на членови на Претседателство не може да се орагнизира ништо во ДПМ. Така што се испуштаат некои активности, некои работи, конкурирање на годишниот конкурс на Министерството за култура, иако тука не е сосема јасно дали раководството во оставка има конкурирано или не, има начин да се надомести, само да се направи успешно изборно собрание, вели тој.

Атмосферата во ДПМ не е добра, членството е преморено од агонијата која трае со месеци, но Грозданоски уверува дека нема судир на генерации или концепции во ДПМ:

-Мислам дека не постои меѓугенерациски спор. Постои само порив од различните генерации, никој не сака да биде исклучен и на лично рамниште и на генерациско рамниште. И никој не смее да биде исклучен. Така што не можеме да зборуваме за судир. Верувам дека има една критична маса којашто е отворена за вклучување на сите различни генерации и тоа е богатството на Друштвото на писателите, тоа е моќта на ДПМ затоа што може да вклучи автори од сите генерации во одлучувањето, автори од различни нации, од различни припадности. И ДПМ е една од ретките институции којашто може така различни различности да се стават под еден чадор, вели Грозданоски во гостувањето во „Слободен печат“.

За себе вели дека е непоправлив оптимист и идеалист дека нештата во ДПМ ќе се средат и ќе се вратат во нормалните текови во корист на членството во ДПМ.

-Се најавува можност за обединување на членството и за одбирање на ново раководство кое ќе уважува сечии напори на сите членови, ќе им дава значење и ќе гледа и со респект и кон минатото на Друштвото на писателите но и кон иднината, пред се кон сегашноста, но и кон иднината и пред се можностите коишто ги отвора Друштвото на писателите. Веќе не ни сакам да барам виновници, што се случило, кога се случило, кога дошло до ова, но навистина членството е во голема мера изморено од ова што се случува. Но од друга страна не може да се занемари и една нова енергија што надоаѓа, којашто верува во Друштвото и којашто треба да отпочне со едно ново време во Друштвото, дециден е Грозданоски.

Целото интервју со писателот Живко Грозданоски погледнете го во продолжение:

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот