ВИДЕО ИНТЕРВЈУ | Д-р Маја Мојсова Мијовска: Успехот е во знаењето, тимската работа и посветеноста

д-р Маја Мојсова Мијовска / Фото : Слободен печат

„Потребен ни е систем, одржлив и функционален не само на ниво на здравството туку и во сите општествени области. Но и самопрегор, знаење, ентузијазам. Ние како лекарски, како медицински тим и јас како национален координатор, изградивме систем кој заедно со тимската работа и со извонредната посветеност на секој од стотината учесници во процесот на трансплантацијата на срце, бубрези и други хируршки зафати во областа, отворивме нова просперитетна перспектива во македонското врвно здравство“, вели Д-р Маја Мојсова Мијовска Национален координатор за трансплантација во интервјуто во емисијата „На крајот од…“ на Слободна ТВ.

„Како се случува трансплантација, еве на срце, на пример. Па, јас сум координаторот, го координирам целиот тој процес од самиот почеток. Првата сум што кога ќе имаме согласност од семејството на донаторот ги информирам колегите. Седнуваме на заедничка маса најнапред да ги напишеме протоколите. Тие наши работни средби траат многу долго. Во трка со времето се и се исцрпувачки. Се`се случува во дваесет и четири часа. Се утврдува секој детаљ, секоја протоколарно утврдена и ситуација и секоја евентуалност. Секој од својата област, од својата специјалност дава придонес во градењето на неопходната медицинска процедура. И јас сум таа која кога ќе добиеме согласност од семејството, ги повикувам сите екипи“, објаснува д-р Мојсова.

Медицината мене не ме заморува, а студентите уште помалку. Напротив, вели д-р Мојсова. Многу вложувам во едукација на моите студенти, не штедам време за тоа ниту пак се штедам себе, вели д-р Мојсова.

„Во последниот период образованието многу падна и она што е моја цел е навистина да извадиме квалитетни кадри. Еве, да спомнам, нека е од нај себични мотиви – и јас сакам да знам кој тоа ќе ме лекува утре. Па нели сме сите пациенти. Сакам да се вложува во тие кадри и ние сите да бидеме лекувани квалитетно, така како што навистина треба. За среќа, има посветени студенти по медицина. Има млади луѓе кои сакаат да напредуваат и да останат тука и својот придонес да го даваат во македонското здравство. Многу се важни и професорите. Ние сме тие што треба ги поставуваат правилата за квалитетна едукација и да ги поставуваат критериумите за полагање на испитите“.

Во ТВ интервјуто д-р Маја Мојсова Мијовска зборува и за себе, детството, мотивот да биде лекарка, по нешто и за општеството и политиката.

„Скопјанка сум, моето маало е во најстрогиот центар на градот, бев одлична ученичка па потоа исто и студентка, не наследив фамилијарна медицинска традиција, прв лекар сум во моето семејство, не сум имала директни покани од политиката за некакво политичко ангажирање, мојот свет е медицината. Политиката има други обврски. Еве конкретно за здравството. Наеднаш настана некоја централизација, се` се концентрира во Скопје па, на некој начин, тоа се случи и со здравството, посебно терцијалното. Ги оставивме другите градови некако понастрана од врвната медицинска заштита што е товар за пациентите, но и финансиски товар и за скопските клиники. Ете тема за здравствената и за политиката генерално“.  

Интегралното интервју со д-р Маја Мојсова Мијовска:

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот