ВИДЕО: Хаос пред затворот Покров 2: Уапсени приврзаниците на Навални, меѓу нив има и лекари и новинар
Приврзаниците на Алексеј Навални, вклучително и лекарите, беа уапсени денес пред затворот каде што тој ја издржува казната. Тие се собраа барајќи информации за неговата здравствена состојба откако Навални започна штрајк со глад.
Според АФП, личниот доктор на Навални и опозициска активистка Анастасија Василиева се меѓу уапсените од полицијата пред затворскиот логор Покров 2, на 100 километри од Москва.
Меѓу другите приведени има лекари, приврзаници на Навални и барем еден новинар.
Според државните медиуми, Навални бил префрлен во здравствената единица вчера поради влошената здравствена состојба.
На 31 март, Навални (44) објави дека штрајкува со глад поради условите во затворот, обвинувајќи ја затворската управа дека не му дозволува лекување и го „измачува“ со тоа што не му дозволува да спие.
Тој вчера на социјалните мрежи објави дека има силна кашлица и треска, покрај болки во грбот и нозете.
Приврзаниците на Навални се загрижени затоа што тој едвај го преживеа труењето минатата година, за што го обвинува Кремљ.
Пред апсењето, Василиева рече дека е „загрижена“ и дека „сфатила што се случува“ во Покров.
Извор. Бета