ВИДЕО | „Гугл“ ги претстави напреднатиот модел „Џемини“ и новиот „Омни“, во обид да одговори на сè посилната конкуренција во вештачката интелигенција
Компанијата „Гугл“ ја претстави новата верзија на својот систем за вештачка интелигенција „Џемини“, како и моделот „Омни“ за симулација на физичкиот свет. На овој начин американската технолошка корпорација се обидува да ја зацврсти својата позиција во трката за развој на напредни технологии, пренесува „Си-ен-би-си“.
Препорачано
Новите технологии беа претставени на годишната конференција на „Гугл“, во време кога расте конкуренцијата меѓу водечките компании од секторот за вештачка интелигенција, меѓу кои предничат ОпенАИ и Антропик.
Извршниот директор на „Гугл“, Сундар Пичаи, изјави дека новиот модел „Џемини 3.5 Флеш“ (Gemini 3.5 Flash) овозможува високи перформанси со значително пониски трошоци и поголема брзина на работа.
Компанијата соопшти дека „Џемини 3.5 Флеш“ ќе стане основен модел за апликацијата „Џемини“ и за пребарувањето со вештачка интелигенција ширум светот, додека понапредната верзија „Џемини 3.5 Про“ ќе биде пошироко достапна следниот месец.
Компанијата го претстави и „Џемини Спарк“, асистент со вештачка интелигенција кој може да поврзува податоци од различни апликации и да извршува задачи во име на корисникот.
Истовремено беше најавен и „Омни“, систем способен да симулира физички опкружувања и да уредува видео-содржини со помош на вештачка интелигенција.
Според наводите на компанијата, корисниците ќе можат да менуваат содржини од видеоснимки, да додаваат нови објекти и да создаваат пореалистични визуелни ефекти.
„Гугл“ настојува преку новите алатки за вештачка интелигенција дополнително да ја прошири интеграцијата на своите услуги и да одговори на сè посилната конкуренција на пазарот, додека инвеститорите сè повнимателно го следат развојот на секторот и високите пазарни вреднувања на водечките компании од областа на вештачката интелигенција.


