Грама, најстарата желка во Зоолошката во Сан Диего - Фото: Принтскрин/ Јутјуб

ВИДЕО | Грама, најстарата желка во Зоолошката во Сан Диего, угина на 141 година

Грама, галапагоскиот желка и најстар жител на Зоолошката градина во Сан Диего, угина на околу 141 година, пренесува „Си-ен-ен“.

По повеќе од еден век во кој уживаше во омилената храна – римска салата и плодови од кактус – саканата галапагоска желка Грама, најстариот жител на Зоолошката градина во Сан Диего, почина.

Според официјалните информации од зоолошката, Грама била родена во своето природно живеалиште и се проценува дека имала околу 141 година. Угинала на 20 ноември.

Точното време кога пристигнала во Сан Диего не е сосема познато, но се смета дека дошла од Зоолошката градина во Бронкс во 1928 или 1931 година, како дел од првата група галапагоски желки што пристигнале таму. Додека светот се менувал околу неа, Грама со својата тивка и нежна природа ги воодушевуваше посетителите. Живеела за време на две светски војни и под власта на 20 американски претседатели.

Нејзините негуватели ја нарекувале „Кралицата на зоолошката градина“. Во последниот период страдала од заболувања на коските поврзани со староста, кои напредувале пред да биде хумано успиена.

Многу посетители на социјалните мрежи раскажаа дека ја гледале Грама кога биле деца, а потоа им ја покажувале и на сопствените деца години подоцна.

Кристина Парк (69) раскажала дека едно од нејзините најрани детски сеќавања било токму во Сан Диего, кога на возраст од 3–4 години јавала на грбот на желка – нешто што денес веќе не се дозволува. Тој момент ја инспирирал подоцна да чува пустинска желка и да се интересира за нивната заштита.

„Неверојатно е како успеваат да преживеат толку многу“, рече Парк. „А сепак се сѐ уште тука.“

Галапагоските желки можат да живеат повеќе од 100 години во дивината, а во заробеништво понекогаш и двојно подолго. Најстарата позната галапагоска желка била Хариет, која живеела во Австралиската зоолошка градина и доживеала 175 години. Била собрана од Галапагос во 1835 година, а се верува дека се излегла околу 1830 година. Угина во 2006 година. Галапагоските желки опфаќаат 15 подвидови, од кои три се изумрени, а останатите се оценети како ранливи или критично загрозени од Меѓународната унија за заштита на природата. Во изминатите децении се вложуваат големи напори за нивно одгледување во заробеништво, а од 1965 година наваму се пуштени повеќе од 10.000 млади желки во природата, според Galápagos Conservancy. Некои подвидови дури се спасени од работ на исчезнување.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот