ВИДЕО | Ѓорѓе Давид се расплака на прес-конференцијата: Не сум добро, ова е нешто со што ќе се борам до крајот на животот

Фото: Инстаграм/Ѓорѓе Давид

Српскиот пејач Ѓорѓе Николиќ (59), познат како Ѓорѓе Давид, ја одржа својата прва прес-конференција во Белград по тешката сообраќајна несреќа, во која загина 49-годишна кумановка пред граничниот премин Табановце.

Видно вознемирен, тој сподели детали за изминатиот период и раскажа како се чувствува во врска со целата ситуација.

„Најпрво сакам јавно да изразам сочувство до господинот Африм, кој ја загуби сопругата во оваа грда приказна. Мислам дека неговата најголема болка е неговата ќерка, која беше зад воланот. Верувам дека, како и секој татко, тој имал најдобра намера. Без разлика дали ѝ купил автомобил или ѝ го дал неговиот. Таа неодамна го положила возачкиот испит и по многу кратко време го доживеа ова што го доживеа. Најискрено сочувствувам со неговата болка и не би сакал да сум во негова кожа. И јас имам ќерка, која исто така би сакал еден ден да ја израдувам со полагање возачки испит и да ја израдувам со автомобил кој ќе го добие. Но, уште кога бев многу млад и кога првпат седнав на мотор, ми рекоа дека сум си вперил куршум кон моето чело.

Има некои работи во мојата глава кои јас не можам да ви ги прераскажам со зборови. Мислам дека се познава колку сум физички пропаднат и тоа се должи на тоа што не спијам. Тоа се слики кои допрва почнаа да ми се враќаат.

За да бидам уште појасен во сѐ ова, мене ми е многу важно медиумите да ме сфатат. Мене ми е јасно дека сега е 21 век и дека она што некогаш беше срамно, сега е ин. Она што во мое време беше бламажа, сега е најдобра маркетиншка стратетија. Сакам да ѝ се заблагодарам на продукцијата Гранд, која ми даде можност да излезам пред вас и да ви раскажам какво е мојата психичка состојба. Мислам дека сум еден од најсилните кога станува збор за психата, но вакви работи, едноставно, те кршат. Ова е нешто со што ќе се борам до крајот на животот. Единствено, ќе морам да си дадам еден предизвик на самиот себеси, како еден вид игра. Па, кој ќе победи – тој е појак. А, верувам дека сум појак“.

Меѓу другото, тој се заблагодари луѓето кои биле тука за него, меѓу кои и неговата менаџерка за Македонија – Вера Мештеровиќ.

„Бев таму околу десет дена, имав обврска додека главните работи не беа завршени. Можам само да кажам дека имав голема помош, уште од самиот почеток, од двајца луѓе кои ми беа на располагање 24 часа – Аднан Џаферовски и мојата менаџерка за Македонија, Вера Мештеровиќ. Исто така морам да го спомнам и господинот Зоран, кој ме угости во неговиот хотел „Панорамика“, каде ми беше кажано дека можам да останам колку што ми е потребно. Тоа беше така, од проста причина, бидејќи знаат колку често доаѓам во Македонија, колку ја сакам Македонија и Македонците. Реално, да не беа тие – не знам како ќе го поминев времето со самиот себеси и со сите тие слики што ме прогонуваат. Адвокатот кој ме застапува во македонија е Виктор Црвенковски, адвокатот кој ќе ме застапува во Србија е мојот Никола. Исто така, морам да ѝ се заблагодарам на госпоѓата Теута, претседателката на Јавното обвинителство во Куманово, која веруваше во мене. Тоа беше нејзина лична проценка и ѝ благодарам на тоа. Јас ќе бидам човек којшто еднаш месечно ќе се јавува во Јавното обвинителство во Куманово, тоа е моја обврска во иднина. Или, ќе морам да се пријавам кога самото Јавно обвинителство ќе го побара тоа од мене, во рок од 24 часа. Ќе има мал исклучок ако имам закажано снимање или некој концерт. Зборот концерт во ваква ситуација звучи несоодветно, но како што вие си ја работите вашата работа, така и јас морам да си ја работам својата. Тешко е да се смени професија на моја возраст. Многу доцнам со моите обврски, а тие не нѐ чекаат. Животот не нѐ чека. Си имам обврски и кон детето, но и кон музичката група, кон кандидатите во музичкото шоу. Тоа е нешто што морам да го правам, исто како да не ми се случило ништо, а всушност ѓаволите ме бркаат и навистина не ми е добро“, изјави Ѓорѓе Давид на денешната прес-конференција во Белград.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот