ВИДЕО | Герасимовски: Податоците од пописот ја творат иднината – според нив се планираат сите државни политики

Дончо Герасимовски, поранешен директор на Државниот завод за статистика (ДЗС)
Дончо Герасимовски, поранешен директор на Државниот завод за статистика (ДЗС) / Утрински брифинг

За тоа дали е можно да се направи крупна грешка во пребројувањето на пописните податоци во Утрински брифинг разговаравме со Дончо Герасимовски, поранешен директор на Државниот завод за статистика (ДЗС).

-Не е можно според методологијата да се направи крупна грешка. Попишувачите мораат да го посетат секој дом. Дали се незадоволни некои луѓе тоа е друга работа. Состојбата каде се врши попис се следи и се вршеше електронски. Ако постои неопфатност попишувачот се враќа назад или остава порака кога повторно ќе дојде да изврши попишување, вели Герасимовски.

Тој вели дека во ДЗС се водат податоци за живородени деца, за умрени и други податоци, за кои се даваат тримесечни извештаи според кои се гледа како се движи популацијата. Демографските случувања се следат постојано, но немаме податоци за населението кое е иселено во други земји, вели Герасимовски.

-Во 163 земји од 190 има македонски државјани. Попис во дијаспората е ретка појава во светот оти земјите во ЕУ ја следат излезната статистика на државјани. Дали се излезени една година или повеќе, тоа се знае. Земјите во ЕУ велат дека секој излез од земјата задолжително треба да се регистрира во МВР. Во земјата каде што оди задолжително се пријавува во амбасадата на сопствената земја. Кај нас тоа не се прави, вели Герасимовски.

Од влезот на Хрватска во ЕУ 270 илјади се иселени од земјата, а Хрватска бидејќи е членка на ЕУ сега тоа го бележи, појаснува Герасимовски за Утрински брифинг.

-Основно прашање е зошто главното внимание е насочено кон етничката припадност, но од еконмски, демографски, образовен аспект и слично тие податоци се побитни за кроење на идните политики на земјата. Такви податоци не можат да се добијат од други извори на податоци, вели Герасимовски.

Герасимовски, кој се занимава со проблематиката на демографските движења, вели дека во периодот од 1992 година јасно е дека има намалување на наталитетот и зголемување на морталитетот, дополнително со иселувањето, ние ќе имаме проблем со работна сила. Околу 40 општини во овој период се во негативен прираст, односно има повеќе починати отколку родени, вели Герасимовски.

-Податоците ја творат иднината и мора да знаете колку популација имате на одредена територија за да планирате што е потребно. Во источна Македонија 11 општини се во негативен прираст, постои депопулација на овој регион. Во изминатиот период проценките не ја одразуваа вистинската слика на населението на терен, вели Герасимовски.

Овие податоци од пописот се прифатени од Еуростат. Но, Бугарија реагира за бројот на попишаните Бугари во земјата.

-Нашиот попис е согласно препораките на ОН и на Евростат и ние податоците ќе ги пратиме таму. Нема земја каде не се спроведува попис и тие се прифаќаат. Функцијата и значењето на пописот е огромна оти ние планиравме за 2 милиони луѓе, а излегува дека сме помалку. Добро е што се спроведе пописот, а податоците се богатство, вели Герасимовски

Проследете го целиот разговор во видеото

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот