ВИДЕО+ФОТО | Театар на отворено пред Собранието — средношколци со танц побараа заштита од насилство
„Врсничкото насилство во последно време е повеќе психички отколку од физички карактер. Пример, смеење по ходници, или ќе те изолираат и нема да ти зборуваат, а ти не можеш да се пожалиш“, алармираше ученик од Скопје.
Ученици од скопската гимназија „Јосип Броз Тито“ и од гостиварското училиште „Гостивар“ денеска пред Собранието изведоа социјален танц-театар, на кој беа прикажани сцени на насилство, отфрленост и осаменост, со цел да испратат порака дека заштитата на децата мора да биде највисок државен приоритет и дека булингот секојдневно се случува во школите, но често останува незабележан од возрасните.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Настанот се одржа по повод Меѓународниот ден на детето, во организација на „Меѓаши“, а законодавниот дом беше избран симболично за да се побара институционална одговорност и посилни политики за безбедност и благосостојба на децата.
Ученици преку транспарентни испратија пораки на неколку јазици, меѓу кои и „Не биди причина за солзи, биди причина за насмевка“.
„(Пошироката) порака е, кога ќе видиме некакво насилство, да се обидеме да преземеме мерки. Мојата лична порака, пак, е дека повеќето луѓе ќе го спречат насилството што го гледаат, меѓутоа, не и ако насилникот е човек што го сакаат. Пример, Македонци можеби нема да спречат насилство врз Албанец, или хетеросексуалци нема да спречат насилство што е против дете хомосексуалец. Исто така, сметам дека односот кон Ромите и ромските деца во Македонија е загрижувачки. Булингот во последно време е повеќе психички отколку од физички карактер. Пример, смеење по ходници, или ќе те изолираат и нема да ти зборуваат, а ти не можеш да се пожалиш“, нагласи тој.

Според професоркат Грозданка Саздова од гимназијата „Јосип Броз Тито“, секојдневието на децата често е обележано и со негативни примери од однесувањето на возрасните, особено во ситуации кога постои позиција на моќ.
„Секојдневието на нашите деца е исполнето со примери како некој возрасен од ситуација на моќ си дозволува да прави навреди, мобинг на работно место, за жал, да бидат сведоци како им повишува глас со навреди и други несакани работи“, нагласи Саздова.
Валентина Стерјовски, професорка од гимназијата во Гостивар порача дека живееме во свет во насилство, а сето тоа се пресликува во училиштата. Оттука, смета дека за справување со насилството неопходни се едуцирани наставници, јасни протоколи, добар менаџмент, но и препознавање на скриените форми на булинг.
„Работиме со учениците за да можат да станат сензитивни, а и ние како наставници да го препознаеме и да го превенираме кога е потребно“, додавајќи дека треба сите заедно, ученици, наставници, родители и институции „да изградиме средина на мир, почит и љубов“.
Министерството за образование и наука уште пред неколку недели најави дека ако родителите не ги воспитаат своите насилни деца, тогаш ќе се удри по нивниот џеб со 250 евра. Од една страна, јавноста бара резултати против крвавите сцени од училиштата, но од друга, луѓето 80 отсто од граѓаните што ги анкетираше „Слободен печат“ не веруваат дека казните ќе го спречат кругот на насилството.
Додека ресорната министерка Весна Јаневска е на ставот дека агресијата на децата не произлегува од образовните установи, туку од дома, од друга страна, во јавноста се отвори дискусија колку врсничкото насилство може да се реши со униформирана казна, или треба да биде системски решено. Особено што сериозните образовни системи булингот не го третираат како „семејна грешка“, туку како ризик за безбедноста, развојот и учењето на децата.
Граѓаните не се убедени дека казните од 250 евра ќе го намалат насилството во училиштата
Истражувањата за врсничко насилство направени во Македонија покажуваат дека секој десетти ученик бил жртва на малтретирање во училиште, а секој шести се соочил со сајбер насилство. Од почетокот на годинава до МОН биле пријавени 34 случаи на врсничко насилство.


