Извор: Национална мрежа против насилство врз жени и семејно насилство
Извор: Национална мрежа против насилство врз жени и семејно насилство

ВИДЕО | Државата со уста ги брани тепаните жени, а го „стиска“ паричникот

Жените жртви на семејно насилство добиваат само 15 илјади денари еднократна парична помош од државата и тоа само ако се регистрирани во Центарот за социјални работи како жртви, но овие пари се премалку за сите нивни потреби на патот додека да се исцелат и додека да „му избегаат“ на насилникот.

Во Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство има фонд за кирии, сметки, храна, психолошка помош, правна помош, но фондот е од донации па годишно има пари да се покријат потребите на само 15 до 20 жртви на семејно или родово насилство. Во меѓувреме, државата како мртво слово на хартија го чува членот 99 од Законот за спречување насилство врз жените. Во овој член е предвидена реинтеграцијата која е и најдобра превенција за жените жртви на насилници, но пари за неа од државата не се издвојуваат.

Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство работи на моделот на реинтеграција, но сите средства во солидарниот фонд се донации. Ако една жена избега од насилен дом, потребни ќе ѝ бидат барем 30 илјади денари месечно само за кирија и храна, други трошоци, додека да се вработи и да добие внатрешна сила да ја надмине траумата.

Во 2025 година се случија 4 фемициди во Македонија. Тоа се убиства на жени извршени од сегашен или поранешен партнер или од член на семејството, каде жената е убиена само поради нејзиниот род. Од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство го споделуваат искуството од нивната долгогодишна работа -кога жената живее во насилство, таа на дневно ниво размислува како да преживее и не може да се концентрира на кариерата.

-За да зборуваме за превенција на насилството и фемицидот мора да зборуваме за системот на поддршка на жените жртви на насилство кој постои во оваа држава. Реинтеграцијата е програма што вклучува домување, финансиска помош, психолошка помош, образование и обука и вработување. Реинтеграцијата е превенција зашто кога на жената што е во економски зависна позиција, ќе ѝ дадеме домување, кога ќе се обезбеди нејзиниот физички интегритет и безбедноста на нејзините деца дури тогаш таа може да размислува за својот развој, иднина и да стане економски независна. Со самото тоа што ќе ја извадиме од насилната средина и со тоа што децата нема да растат во насилна средина, нема да учат модели на однесување на насилник или жртва. И преку моделот на реинтеграција го прекинуваме трансгенерацискиот пренос на насилството. Ова е најважен модел за превенција, вели Елена Димушевска, извршна директорка на Националната мрежа против насилство врз жените. 

Од 2014 до 2024 годинаво Македонија има 115 убиства и обиди за убиства врз жени. Оние кои преживеале насилство, од сите сервиси најмалку се заинтересирани за психолошката помош а таа може многу да помогне.

-Мора да ја убедиме владата дека мора да одвои пари за реинтеграција на жените жртви на семејно насилство, ако навистина сакаме да зборуваме за превенција. Насилството врз жените не може да го спречиме ако не ги предвидиме финансиските средства што ѝ се најнеопходни на жртвата. Сега еднократната парична помош е 15 илјади денари. Но, секоја жена има различни потреби. Ние раководиме со женски интервентен фонд и од 2017 обезбедуваме домување, финансиска поддршка, плаќање режиски трошоци, покривање прегледи. Фондот е многу ограничен. Ако земеме како пример една жена што нема каде да живее и треба секој дел да го покриеме – кирија, режиски трошоци, храна, хигиена и други потреби и за децата, тогаш во најмала рака месечно треба да издвоиме од 25 до 30 илјади денари, изјави Димушевска.

Интервентниот женски фонд е формиран во 2017 година и функционира со донации. Над 100 жени досега се поддржани со директна помош за напуштање на насилната средина.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот