ВИДЕО | Димитар Андоновски со емоции за сцената на која пораснал: „„Макфест“ е дел од мојот музички живот“
Музичкото патување на еден од најпрепознатливите машки вокали во Македонија, Димитар Андоновски, е приказна исполнета со страст, посветеност и љубов кон музиката. Со богато портфолио и децениско искуство на сцената, Андоновски и оваа година повторно ја почувствува магијата на „Макфест“, фестивал кој за него претставува нешто повеќе од настап, дел од неговата животна приказна.
Препорачано
Првпат на музичката сцена застанал далечната 1994 година, како мало момче на Детскиот фестивал „Си-До“, а македонската јавност го запозна во 2003 година, како еден од финалистите на М2 продукција. Неговото вокално мајсторство го донесе и на Евровизија во 2014 година, како придружен вокал на Тијана Дапчевиќ.
Низ годините, Димитар остави посебен белег на сцената на „Макфест“ со својата искрена интерпретација и силни емоции изведувајки ги песните: „Сè уште ме сонуваш“ (2004), „Белег остана“ (2006), „Те познавам најдобро“ (2010), „Свој на своето“ (2011), „Жал ми е“ (2015), „Стари добри времиња“ (2018, со Тајфата), „Бура“ (2024), па сè до годинашната „Две души“.
Секоја од овие песни е парче од неговата душа, дел од неговата уметничка еволуција, токму затоа со особена страст говореше за тоа како „Макфест“ се менувал низ годините.
„Самиот изглед на сцената и организацијата низ годините се на едно многу повисоко ниво, и ми е драго што „Макфест“ сè уште постои. За жал, остана единствен фестивал кој ја промовира македонската музика“, вели Андоновски.
Со 40-годишна традиција зад себе, „Макфест“ останува сцена каде што се создаваат нови спомени и нови хитови. Димитар верува дека фестивалот и понатаму носи свежина и инспирација:
„Има примери и во последните десет години, песни кои и ден-денес ги слушаме, а се родени токму на фестивалската сцена. Од „Макфест“ секогаш излегуваат барем еден до два вистински хита.“
За него, секој настап на „Макфест“ е ново доживување, нова емоција.
„Немам песна што би ја издвоил како посебна. Секоја ми е драга, затоа што секоја е поврзана со различен момент од мојот живот. Огромна чест ми е што долги години сум дел од оваа манифестација. Тоа зборува колку ми значи оваа сцена.“
Со својот препознатлив глас и искрен пристап кон музиката, Димитар Андоновски останува верен чувар на македонската песна. А само за „Слободен Печат“ со посебна страст зборуваше „Макфест“, сцената на која растел, созреал и повторно се враќа која засекогаш ќе остане симбол на неговиот музички пат.


