ВИДЕО | Блерим Груби: Музиката ќе го обедини Балканот

Блерим Груби во Утрински брифинг, 17 септември 2021 / Фото: Принтскрин / Јутјуб

На 20 септември (понеделник), со почеток од 19 часот ќе се одржи четвртото издание на Интернационалниот скопски фестивал на камерна музика („Skupi kamerfest 2021“). Публиката во малата сала на Македонската Филхармонија ќе има прилика да слушне музичари од Србија, Грција, Бугарија, Косово, како и домашни изведувачи.

„Како уметници се обидуваме да создадеме уште едно место за културно живеење, ова е четврто издание на фестивалот на камерна музика, и таков вид концерти често се изведуваат во европските центри, бидејќи се работи за помали состави на музичари. А и кај нас сакаме да посветиме повеќе внимание на оваа форма на класичната музика. Имаме поддршка од амбасадите тука и првпат по три години не’ поддржа и Министерството за култура. Ние се граничиме со пет држави, тие ни се прв комшилук, а ние се наоѓаме во центарот. Исто така, Балканот е сега прилично актуелна тема и во дипломатијата и во политиката и затоа сакав да направиме еден уметнички односно музички спој помеѓу уметниците што живеат и работат на овој балкански простор. Така гласи и насловот на концертот „Балканска уметничка сцена“. Имаме многу колеги и пријатели во нашето опкружување, но ретко се случува заедничка соработка, овојпат идејата беше да го подигнеме нивото на професоналната соработка помеѓу музичарите од балканските држави. Така и си ја замислив идејата: ние како Скопје стоиме во средината, а како зраци ни доаѓаат Белград, Приштина, Софија, Тирана и Солун, изгледа како сонце што силно сјаје. Всушност сакаме ова да го направиме традиција и следната година да донесеме гости од Црна Гора и Босна и Херцеговина и така навистина ќе имаме балкански музички состав. Иако можеби во политиката имаме препреки, во музиката немаме проблеми, таа не’ обединува сите. “, вели за Утрински бригинг, музичарот Блерим Груби, основач на Фестивалот.

На годинашната манифестација ќе настапат: Сихана Бадивуку – виолина ; Владимир Марковиќ – виолина (Србија); Марко Поп Ристов – виолина; Милтиадис Касарас – виолончело ( Грција); Марио Гуралуми – виолончело (Албанија); Блерим Груби – виола; Стефанија Јанкова – виола (Бугарија); Фраим Гаши – контрабас (Косово) и Дино Имери – пијано. Влезот е слободен.

Инаку, четвртото издание на фестивалот е првото што го финансира Министерството за култура. Претходно, проектот бил одбиван а една година, Груби ги врати добиените средства во Министерството, бидејќи биле многу помалку од бараните пари и не било возможно да се организира фестивалот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот