ВИДЕО | Безмалку 100 исчезнати во урнатата зграда на Флорида

Повеќе од една третина од 12-катниот облакодер, во кој имало 136 станови, се сруши среде ноќ, околу 01:35 часот по локално време. Полицијата вечерва потврди дека не знае каде се 99 лица, за кои се верува дека биле во зградата во време на уривањето.

Досега е потврдена смртта на едно лице, а околу 40 се извлечени од урнатините. Меѓу спасените има и едно момче. На десет лица им била укажана лекарска помош од екипите на Брза помош на самото место, од кои две биле испратени во болница.

Спасувачките екипи сè уште ги пребаруваат урнатините, но надежите се намалуваат.

Гувернерот на Флорида, Рон ДеСантис изјави дека локалните и државните власти се надеваат дека повеќе луѓе ќе бидат спасени од урнатиот облакодер.

„Но, ние се подготвуваме за лоши вести со оглед на уништувањето на кое бевме сведоци“, рече ДеСантис.

Причината за падот на облакодерот изграден во 1981 година сè уште не е позната. Потврдено е дека градежни работи се изведувале на покривот на зградата, но не е познато дали тие предизвикале колапс.

Семејството на првата дама на Парагвај исчезнала при уривањето на облакодерот, потврди парагвајското Министерство за надворешни работи.

Четири венецуелски и осум аргентински државјани исто така се сметаат за исчезнати при уривањето на облакодерот во Флорида, објавија конзулатите на тие земји.

“Проблемот е што зградата падна како палачинка, сите подови паднаа еден врз друг. Пред пропаѓањето, подовите беа оддалечени околу 3 метри, сега се околу половина метар. Ми се крши срцето затоа што ни се чини дека нема да бидеме успешни во пронаоѓањето на преживеани“, рече градоначалникот на Сурфсајд, Чарлс Буркет, на прес-конференција.

Сведок на уривањето на облакодерот во Сурфсајд за Си-Ен-Ен изјавил дека станарите во зградата „панично врескаа додека се обидуваа да избегаат од зградата“.

Арон Мајлс, неговата девојка и членовите на нивните семејства престојувале во блиското одморалиште Блугрин, кое исто така било евакуирано кога се срушил облакодерот. „Кога слеговме во фоајето, сè беше полно со прашина и остатоци од зградата“, изјави Мајлс за Си-Ен-Ен.

“Беше ужасно. Децата и возрасните врескаа и плачеа. Тоа беше едно од најлошите искуства во мојот живот”, рече Мајлс.

ВИДЕО | Мајами: Спасувачите извлекоа 35 лица, загина најмалку едно лице

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот