Тонио Сан - рапер / Фото: ,,Слободен печат'' / Драган Митрески

ВИДЕО | Антонио Аранѓеловиќ (Тонио Сан): Сочна комбинација на автентичен рап и уникатен звук

Интригантен, скромен, талентиран и приземен – Антонио Аранѓеловиќ, познат како Тонио Сан или пак, по стариот прекар РНС (Ер-Ен-Ес), со својот неповторлив стил и сензибилитет, се издвои и стана еден од најинфлуентните и почитувани рапери на современата музичка сцена во Македонија. И тоа не е сѐ…

За неговиот претходен прекар, Ер. Ен. Ес. вели дека уметничко име е кратенка од иницијалите „Работам На Случајот“.

Сегашното уметничко име Тонио Сан има значење, „ТОНИО“ – кое произлегува од неговото целосно име АНТОНИО и „САН“ кое значи укажување на почит. Веќе е познато дека Антонио е голем фан на јапонската култура.

Тонио Сан – рапер / Фото: ,,Слободен печат” / Драган Митрески

Роден и одраснат во Чаир, Скопје, Антонио од рана возраст го покажал својот талент кон цртањето и кошарката кои ден-денес паралелно ги негува.

„Да ми дојдеше Дедо Мраз, ќе му речев, сакам да сум НБА кошаркар или оваа другава работа… човек што се занимава со уметност“, вели Антонио за серијалот „Слободно со Агнеса“.

Под влијание на хип-хоп сцената, стриповите, франко-белгиската школа, Астерикс и Обеликс, преку различните сегменти на уметноста, тој го развиваше својот експресивен визуелен стил и уникатен звук кој денес го добивме како резултат на многубројните успеси, девет музички албуми, 4 стрип албуми, една графичка новела, анимирани цртани филмови и многу други.

Антонио истовремено работи како професор на Факултетот за Дизајн и мултимедија при АУЕ-ФОН Универзитетот.

Познат по своите длабоки текстови во песните кои се рефлексија на актуелните теми, како социјалните проблеми, животот и борбата за правда, тој пред многу години беше дел од рап групите „Грин Аут“ и „Легија“, со кои издал неколку албуми.

„Некој се изразува во бројки, некој се изразува во зборови, некој се изразува во слики. А јас се изразувам само не во бројки…“, вели Антонио.

Со години, Тонио Сан го развиваше својот стил кој се разликува од албум до албум, за кој вели дека и значењето не може да биде исто бидејќи и тој самиот повеќе не е ист.

„’Цветот на светот’ се разликува од ‘Друштвото на мртвите поети’, а ‘Друштвото на мртвите поети’ пак, многу се разликува од  ‘Синтеза на Ум и Меч’, самурајскиот…“, вели Тонио Сан за „Слободно со Агнеса“.

 

Тонио Сан – рапер / Фото: ,,Слободен печат” / Драган Митрески

Неговата музика е сочна комбинација на автентичен рап, современи песни и уникатен звук, што го прави непропустливо искуство за слушателите.

Со дрска поезија и самоувереност, Тонио Сан претставува ново поколение рапери кои носат со себе свежина и иновативност.

Хитовите како „Фрекфенции“, „Грин Аут Бандит“, „Бенг-Бенг“ и многу други, бројат многу слушања и прегледи на социјалните мрежи.

Тонио Сан не само што се фокусираше на кариерата како рапер, туку, во меѓувреме работеше на различни проекти и на професионалниот аспект како професор.

Освен што е познат како талентиран рапер, тој е и творец на уникатни стрипови кои се израз на неговата креативност и визија и претставуваат фантастичен свет полн со акција, интриги и интересни карактери.

 

Тонио Сан – рапер / Фото: ,,Слободен печат” / Драган Митрески

Тој во 2019 ја издаде својата прва графичка новела во стрип стил „Некои мали нешта“, а моментално работи на втората.

„Со стрип се занимавам многу рано, мислам, пред да се занимавам со  што било. Моите први цртежи како млад беа инспирација од стрип“ вели Антонио.

Со своите стрипови, Тонио Сан испитува различни теми и жанрови, како „фацизам“, јакуза, трилер фантастика до мрачни приказни… Секој стрип претставува впечатливо искуство кое нѐ вовлекува во неговиот свет, каде што се соочуваме со различни предизвици, интересни моменти и приказни.

Целото интервју проследете го во следното видео:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот