ВИДЕО | Андоновиќ: Нуклеарна закана или блеф: Што распореди Путин во Белорусија?

Фото Слободен печат

Најавата на Путин дека ќе распореди тактичко нуклеарно оружје во Белорусија го подигна нивото на закана во Европа.

Сепак, многумина од експертите тврдат дека оружјето што Путин планира да го пренесе во Белорусија не е стратешко нуклеарно оружје, односно не се интерконтинентални балистички ракети кои можат да го уништат животот на Земјата.

Се работи за тактичко нуклеарно оружје (TNW) преносливи, нестратешки нуклеарни боеви глави кои се користат за остварување специфични тактички предности на бојното поле. Аналитичарите го опишуваат тактичкото нуклеарно оружје како наменето за победа во битката, додека стратешкото оружје е наменето за победа во војната.

Тактичкото нуклеарно оружје има помала експлозивна моќ од стратешкото оружје, што може да ги направи воено покорисни и помалку политички непристојни, а со тоа и поголема веројатност да се користат. Иако тактичкото нуклеарно оружје има помала експлозивна моќ од стратешкото оружје, употребата на само една нуклеарна боева глава би имала катастрофални хуманитарни последици.

Атомската бомба што САД ја фрлија врз јапонскиот град Хирошима во 1945 година имаше моќност од околу 15 килотони чија експлозија усмрти околу 140.000 луѓе.

Во сегашниот руски арсенал, бомби со ваква моќност се сметаат за едни од најмалите и најслаби по моќност оружја

Малкумина знаат точно колку тактичко нуклеарно оружје поседува Русија. Сепак, јасно е дека Русија има огромна нумеричка супериорност во однос на сојузниците на САД и НАТО кога станува збор за тактичкото нуклеарно оружје. Вашингтон верува дека Русија има околу 2.000 такви нуклеарни боеви глави, 10 пати повеќе од САД. чиј арсенал бори такви проектили, од кои половина се наоѓаат во базите во Европа. Овие нуклеарни бомби од типот Б61, се движат од 0,3 до 170 килотони, и се распоредени во шест воздушни бази низ Италија, Германија, Турција, Белгија и Холандија.

Според руската нуклеарна доктрина, рускиот претседател е последниот во низата лица кој одлучува кога станува збор за употребата на руското нуклеарно оружје, без разлика дали е стратешко или тактичко.

Таканаречената нуклеарна актовка или „Чегет“ е секогаш кај претседателот Путин. Се верува дека такви актовки имаат рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу и началникот на Генералштабот на руската армија Валериј Герасимов. Актовката е поврзана со специјален комуникациски систем со кодно име „Кавказ“, кој ја поддржува комуникацијата меѓу високи владини функционери во време кога се носат одлуки за употреба на нуклеарно оружје. Доколку властите во Москва проценат дека Русија се соочува со стратешки нуклеарен напад, претседателот Путин би можел да ја искористи актовката за да испрати директна наредба за лансирање до командата на Генералштабот, која пак ги има нуклеарните кодови.

Путин во минатото на неколкупати се закануваше со можноста за нуклеарна војна, речиси секој пат кога руската воена операција во Украина ќе се соочи со неуспех. Ова може да објасни зошто тој реши да распореди оружје во Белорусија токму сега, сметаат западните воени разузнавачи. Според нив руските сили, трпат огромни загуби и имаат мал напредок во копнените битки во Украина.

Освен неколку нови трговски договори со Кина, Путин не доби ништо конкретно на последната средба со Си Џинпинг. Исто така, тука е и Меѓународниот кривичен суд, кој неодамна издаде налог за апсење на Путин.

Сето ова според западните аналитичари укажува дека Путин би можел да го искористи овој „адут“ за стекнување на одредена предност на бојното поле.

Од друга страна, со овој потег Москва практично и официјално ја вмешува Белорусија во војната. Иако нескриено, претседателот Лукашенко ја даваше поддршката за руската инвазија и пред сè конфронтациите со западот, сепак Белорусија до сега, барем не јавно, нема никаква официјална вмешаност во конфликтот. Со дозволата за распоредување на овие проектили, долж границата со НАТО и ЕУ, Белорусија практично директно се вмешува во војната.

Останува да се види и каков ќе биде одговорот од конфронтираната страна.

Засега, според Американскиот институт за воени студии овој потег на Кремљ не значи ништо и дека опасноста од употреба на нуклеарно оружје сè уште е многу мала. Сепак Русија теоретски може да таргетира која било точка на планетата со нуклеарно оружје.

Во оваа анализа се наведува дека, Путин е „актер кој не сака да ризикува, кој постојано се заканува дека ќе користи атомско оружје, без намера всушност да го користи“.

„Всушност, Путин не го интересира принципот, ниту договорите или децениските практики. Стационирањето на тактичко атомско оружје во Белорусија не е ништо повеќе од нова, уште поостра закана за употреба на бомбата. Останатото е пропаганда“, се наведува во анализите на западните воени експерти.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот