ВИДЕО: Алпинистите Надир и Никола спасија куче седум дена заглавено во планинска карпа: Спасивме една душа!

Во спасувачката акција на Надир и Никола учествувале и Марија и Сорен од Гевгелија, и Благица Владимировска, девојката која го објавила апелот на социјалните мрежи.

Надир Мурсели се занимава со планинарство 30 години, а со алпинизам 25 години. Вели дека алпинзимот не е само негово хоби зашто „нешто што го правиш 25 години со посветеност прераснува на едно сосем друго ниво“.

Неговиот спортски колега Никола Андоноски, планинари 23 години. Овие двајца планинари се херои во нашата приказна благодарение на една несекојдневна мисија – спасување куче заглавено на карпа, на планина. Кога ја видел објавата на социјалните мрежи – „итно од Гевгелија, ако има планинар со опрема за карпи, куче една недела е заглавено без храна и вода“, тетовецот Надир веднаш се „спакувал“, а со него тргнал и Никола.

Надир и Никола / Фото: Приватна архива

Тргнале пред самрак кон Гевгелија. Имале челни ламби, но фактот што кучето веќе седум дена било таму, прегладнето, ги натерал веднаш да делуваат.

Веднаш му се понудив на Надир да дојдам со него, знаејќи дека можам да го спуштам на јаже, наместо тој да се спушта самиот, така рацете ќе му бидат слободни. Претходно имав спасено маче кое беше заглавено на високо дрво, и домашно милениче – куче кое беше оставено надвор од цивилизација, го пренесов во мојот ранец со велосипед“, вели Никола.

До карпата стасале околу 20. 30 часот, од околу пристапиле горе, над врвот на карпата, со цел Никола да го спушти Надир.

Спасувањето ноќно време е комплицирано, бара голема претпазливост, а справувањето со ризикот е еднакво поделен на подготвеноста и проценката на целата ситуација. Кога го лоцирвме кучето, од под карпата, тоа лаеше, а кога ни требаше најмногу да лае за да слушнеме каде е и за да се спуштиме до него: кучето престана да лае! Во мислите ми дојде само едно: „Немој сега да умреш!“, вели Надир.

Пред Надир да го забележи кучето, прекинавме да го слушаме неговиот лаеж. Сепак, го забележа и пријде до него, но тоа за’ржа. Преку радиоврската ми јави „внимавај, можно е кучево да ме нападне.“. Но тоа не се случи. За кратко време ми јави дека го има кучето в раце и може да го спуштам со јажето до долу“, додава Никола.

Спасеното куче / Фото: Приватна архива

Користеле само лична опрема за спасување во карпа; јажиња, клинови… Главна опрема им биле светилките, но и радио-станиците преку кои двајцата алпинисти меѓусебно комуницирале.

– За кучето понесовме торба, тоа е техника која се користи за транспорт на животни во алпските земји, во торбата планиравме да го сместиме на безбедно и да го спуштиме на јаже, не знаевме колку е големо и тешко. Тоа беше доста исплашено, што е и нормално, бидејќи речиси седум дена стоело на едно такво место каде што еден погрешен чекор би значел голем пад и сигурна смрт. Само еднаш за’ржа, но потоа имавме одлична соработка – задоволен е Надир.

Во спасувањето секоја минута е важна. Многу е важно повикот да стигне до нас или до некој од нас. Се надевам дека многумина ќе го запомнат ова. Што се однесува до тоа зошто толку пат, толку труд, толкав ризик за „само“ едно куче, ќе кажам дека спасивме една душа – вели Никола.

Во спасувачката акција на Надир и Никола учествувале и Марија и Сорен од Гевгелија, и Благица Владимировска, девојката која го објавила апелот на социјалните мрежи.

Без нивна помош и дојава кучето немаше да биде спасено. А за хуманоста, затворете ги очите само еден миг и замислете го светов без хумани дела – завршува Надир Мурсели.

Погледнете го видеото од спасувањето:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот