Фото: Ivan S / Pexels

Вештачката интелигенција не е само играчка, туку зборува за дигиталната способност на младите

Алатки за генерирана вештачка интелеганција (ВИ) во Македонија користат 45,4 отсто од младите на возраст од 16 до 24 години, што е под европскиот просек од 63,8 проценти, покажуваат податоците на Евростат за 2025 година. Употребата на ВИ кај нашите млади е најниска и во регионот, а највисока е во Грција – 83,5 отсто. Според познавачите, во пракса, овие бројки не се само статистика, тие сигнализираат опасност од јаз во дигиталните способности на младите.

Според професорот и комуниколог, Сеад Џигал, ова не значи дека младите „заостануваат“, туку веројатно системот не ги охрабрува, или не ги обучува доволно структурирано, за да можат поефикасно да ги користат достапните алатки.

– ВИ веќе се користи како алатка за учење, пишување, анализа на податоци, креативна продукција и развој на идеи. Младите кои активно ја користат, развиваат нов тип на дигитална писменост, т.е. способност да поставуваат прецизни прашања, да анализираат добиени одговори и да комбинираат човечка креативност со машинска обработка. Доколку значителен дел од младите нема пристап или навика да ги користи овие алатки, постои ризик од намалена конкурентност во идниот образовен и професионален живот – вели Џигал за „Слободен печат“.

Извор: Евростат

Според него, другите земји побрзо ја интегрираат ВИ во секојдневието и образованието, но прашањето не е само зошто процентот е понизок, туку и како се користи ВИ таму каде што се користи.

– Вистинскиот предизвик не е масовноста, туку квалитетот на употребата – додава тој.

ВИ може да ви одбере ручек, да ви ги реши проблемите и да ви помогне во работата – но во Македонија ретко се користи

Треба да разликуваме „пристап“ од „писменост“

На слична линија е и Марина Тунева, експертка по стратегиски комуникации и професорка. Резултатот на Евростат, според неа, може да се чита на два начина. Прво ВИ, објективно, е сè подостапна преку алатки, а второ, понискиот степен на употреба најчесто значи дека она што е технолошки достапно – не сме го претвориле во дигитална компетенција.

– Младите се снаоѓаат индивидуално, без доволно поддршка преку образованието, јавни сервиси и јасни правила за безбедна и одговорна употреба – ни изјави Тунева.

Таа вели, суштински е да разликуваме „пристап“ од „писменост“. Многу млади имаат пристап до алатки преку телефон, додава таа, но тоа не значи дека знаат како да проверат точност, како да препознаат халуцинации, како да не споделат лични податоци, како да избегнат плагијат и како да ја препознаат манипулацијата – дипфејк, синтетички профили или автоматизирана пропаганда.

– Во анализата на која работевме, поврзана со примената на ВИ во редакциите од аудиовизуелниот сектор кај нас, има една повторувачка слабост. Односно, ВИ се користи ад-хок, како помошна алатка, без доволно политики, обука и проценка на ризици. Ова е опишано како „сива зона“ каде личната одговорност станува единствен механизам на контрола, што е ранлив модел и за професионални средини, а уште повеќе за младите корисници – нагласува Тунева.

„Институционално, ама стретешки“

На прашањето дали ВИ треба да се работи институционално, таа одговара: „Да, итно, но и стратешки“. Во спротивно, потенцира Тунева, ако не вложиме во ВИ-писменост и правила на игра, ќе добиеме брза употреба без критичко мислење.

– ВИ не е само „алатка за учење“, таа може да биде и алатка за стигматизација, сајбер-малтретирање и засилување стереотипи, особено кај младите и други ранливи групи. Од практичен агол, важно е младите да се едуцираат како се пишуваат промптови, како се проверуваат факти, што значи пристрасност, што е авторство/плагијат, што не се внесува како личен податок, како се препознава синтетичка манипулација, итн. – посочува Тунева.

На тврдењето дека релевантите тела треба повеќе да ја вклучат ВИ-писменоста, се надоврзува и Сеад Џигал. И за него несомнено треба институционален пристап.

– Не станува збор за промовирање на ВИ како тренд, туку за интегрирање на дигиталната и алгоритамската писменост во образовниот систем. Учениците и студентите треба да учат практично како функционираат алгоритмите, кои се нивните ограничувања, како настануваат пристрасности во моделите и како да се процени веродостојноста на генерираните содржини – посочува Џигал, дополнувајќи дека е неопходна обука на наставниот кадар и јасни правила за академски интегритет.

Бебешки чекори на ВИ во образованието

Сите овие прашања го натераа Министерството за образование на стартот од учебната 2025/2026 година да ги направи првите чекори за воведување вештачка интелигенција во наставата.

Имено, промовиран беше Водич за ВИ наменет за наставници, стручни соработници и ученици. Идејата е сите да добијат некакви насоки и знаење. До минатиот месец вкупно 200 наставници од сите средни училишта поминаа прва фаза од обуката како да применуваат ВИ. Потоа, употребата на ВИ ќе биде воведена во сите предмети, а од наставниците ќе зависи колку и какви алатки ќе користат.

– На 120 страни Водичот сеопфатно се осврнува на историјата на ВИ и дефинициите за истата, на видовите ВИ, како да се применуваат најпознатите алатки за создавање и уредување текст, за слики и мултимедија, за истражување и учење, како да се користат алатките по одделни области како математика, природни науки, јазици и литература, историја и општествени науки, но и како да се препознаваат можни злоупотреби на податоци – рече ресорната министерка Весна Јаневска на промоцијата на Водичот.

Фото: МОН

Има наставници што веќе ја користат ВИ во своите предавања, но побројни се тие што сега се обучуваат, за потоа како ментори да ги обучат и другите.

Истражувањето ТАЛИС (TALIS) за 2024 година покажа дека 42 отсто наставници користеле ВИ во работата. Наставниците имаат тенденција да користат ВИ за ефикасно учење и сумирање тема (81 отсто), да генерираат планови за лекции или за активности (81 отсто) и да им помагаат на учениците да вежбаат нови вештини во реални сценарија (75 отсто). Најретката употреба на ВИ е за автоматски да се приспособува тежината на материјалите за лекции.

Меѓу оние што кажале дека не користеле ВИ во настава, 50 отсто немале знаење и вештини, додека кај 56 проценти изоставувала инфраструктура во училиштата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот