Ветеранот Очоа е на чекор да испише историја во Мексико, но и да го одржи чекорот со Роналдо и Меси
Легендарниот мексикански голман Гиљермо Очоа би можел да испише нова страница во историјата на фудбалот на својата земја на претстојното Светско првенство во фудбал 2026. Повредата на Ахиловата тетива на Луис Анхел Малагон го стави селекторот Хавиер Агире пред нов предизвик, па ќе мора да побара алтернативни решенија за позицијата меѓу стативите.
Препорачано
Во моментов, како главни кандидати за местото на голот се споменуваат искусниот Очоа и Раул Ранхел, кој настапува за Гвадалахара.
Се очекува 40-годишниот чувар на мрежата кој е член на АЕЛ Лимасол повторно да добие доверба и да застане на голот на мексиканската репрезентација на најголемата фудбалска сцена. Очоа беше стандарден избор на шампионатите во 2014, 2018 и 2022 година, додека претходно беше дел и од составот на мундијалите во 2006 и 2010, но тогаш не доби можност за настап.
Доколку се најде во тимот за турнирот што ќе се одржи во САД, Канада и Мексико, тоа би било негово шесто учество на светските првенства. Со тоа би ги надминал своите сонародници Антонио Карбахал, Андрес Гвардадо и Рафаел Маркез, кои во кариерата настапија на пет мундијали.
Интересно е што вакво достигнување би имале уште само две фудбалски икони, Лионел Меси и Кристијано Роналдо, за кои исто така се очекува да настапат на шести светски шампионат во своите кариери.


