Христијан Мицкоски самит ЕУ-Западен Балкан во Скопје/Фото: Драган Митрески-Слободен печат

„Вештачки причини“: Мицкоски од Брисел објаснува зошто не сме во ЕУ, иако одамна сме заслужиле

„Добро е кога Западниот Балкан е во оптиката на Европската Унија и тоа е охрабрувачки и за граѓаните од регионот, затоа што на тој начин се покажува интересот за нашата заедничка иднина“, изјави вечерва премиерот Христијан Мицкоски при пристигнувањето на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Брисел.

Западниот Балкан, вели премиерот, географски припаѓа на Европа и логично е тој да се интегрира во рамките на Европската Унија. Иако одамна сме заслужиле да бидеме во ЕУ, според Мицкоски, таму не сме поради „вештачки причини“.

– Ние како држава тоа го заслуживме многу одамна, бидејќи нашиот пат започна пред 25 години, но поради, би рекол, вештачки причини, сè уште не можеме да бидеме дел од европското семејство, рече Мицкоски.

Тој додаде дека Владата го правела „сето она што е потребно во пристапниот процес кон ЕУ, но не поради самиот процес, туку, пред сè, поради македонските граѓани, бидејќи тие го заслужуваат тоа“.

– Така работиме досега, така ќе продолжиме и понатаму. Очекуваме дека билатералните прашања нема да бидат наша пречка, туку напротив од нашите соседи очекуваме поддршка во оваа наша амбиција да бидеме дел од Европската Унија. И она што е најважно, е да бидеме оценувани според постигнувањата, а не според билатералните прашања, вели Мицкоски.

На Самитот лидерите на земјите членки од Унијата и од државите од Западниот Балкан расправаат за меѓусебното стратешко партнерство, постепената интеграција на регионот во ЕУ, Планот за раст, како и за надворешните работи, безбедноста и одбраната.

Како што се наведува во најавата на собирот, Самитот претставува можност за демонстрирање и потврда на силата на стратешкиот однос меѓу Унијата и регионот и на придобивките што тој ги носи за граѓаните.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот