Венецуела застана на страната на Колумбија против Вашингтон
Венецуелскиот министер за одбрана Владимир Падрино Лопез изјави дека неговата земја ќе застане на страната на Колумбија доколку продолжи она што го нарече притисок и понижување од страна на САД.
Препорачано
„Колумбија мора да знае дека има поддршка од Боливарските вооружени сили. Колумбискиот народ мора да знае дека има морална и физичка поддршка од оваа страна и дека има распоредени сили на наша територија“, рече Лопез во обраќање на државната телевизија VTV.
Според него, Вашингтон „го навредил не само колумбискиот претседател нарекувајќи го дилер на дрога, туку и целиот колумбиски народ и армија“. Министерот додаде дека Боливарските сили се подготвени да одговорат на секоја провокација насочена кон стабилноста на регионот, јавуваат кинеските медиуми.
Тензиите ескалираа откако американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела објави дека американските сили уништиле „голема нарко-подморница“ за која рече дека транспортирала дрога од Колумбија во САД. Според Трамп, двајца „нарко-терористи“ биле убиени, а двајца други биле заробени.
Американскиот лидер, исто така, ги обвини колумбиските власти за трговија со дрога и најави прекин на финансиските субвенции и плаќања од Вашингтон, што предизвика остра реакција во Богота.
Колумбискиот претседател Густаво Петро побара официјално објаснување од САД откако американските воени сили нападнаа брод во близина на колумбискиот брег, нагласувајќи дека „суверенитетот на земјата не може да се доведува во прашање под изговор на борбата против дрогата“.


