Вечерва нова „шаховска битка“: Арсенал и Атлетико во Лондон решаваат за првиот финалист во ЛШ
На „Емирати“ вечерва во Лондон ќе биде познат првиот финалист во овогодишното издание на Лигата на шампиони. Во игра се Арсенал и Атлетико Мадрид, а по ремито од 1-1 на првиот натпревар во Мадрид, сè останува отворено.
Препорачано
Првиот дуел донесе цврста и тактичка игра, каква што се очекуваше од двете екипи. Двата гола беа постигнати од пенал, за Арсенал погоди Виктор Ѓокереш, додека за Атлетико прецизен беше Хулијан Алварез.
Лондонскиот клуб, кој е лидер во Премиер лига на три кола до крајот, минатата сезона беше запрен во полуфиналето токму од ПСЖ, подоцнежниот шампион.
„Едвај чекам. Се чувствува енергијата во тимот и околу него. Заедно вложивме многу труд како клуб и како екипа. Долго се чекаше ваква вечер. Може да се случи нешто неверојатно“, изјави тренерот на Арсенал, Микел Артета.
На спротивната страна, стратегот на Атлетико, Диего Симеоне, откри дека тимот го сменил хотелот пред реваншот во Лондон, откако претходно престојувале на друго место за време на поразот од 4-0 во лигашката фаза против истиот ривал. Низ шега посочи дека причината е пониската цена, иако шпанските медиуми шпекулираа за суеверие.
„Сега сме во подобра форма отколку во октомври, а и хотелот беше поевтин, затоа го сменивме“, рече Симеоне.
Кога станува збор за составот, Алварез, кој сезонава има 20 голови и девет асистенции во 48 настапи, се најде на списокот за патници во Лондон и покрај тоа што беше заменет во финишот на првиот натпревар.
„Хулијан е многу важен за вакви мечеви. Одлично ја познава лигата. Минатонеделниот натпревар беше навистина добар. Се надевам дека ќе одговори на барањата на натпреварот“, додаде Симеоне.
Натпреварот се игра во стандардниот термин од 21:00 часот, додека утре во второто полуфинале ќе се сретнат Баерн Минхен и ПСЖ.


